Денеска сме должни да ја поставиме целосната слика, а не само дел од неа и затоа изминатите денови директно, со докази, покажавме што е разликата помеѓу нас и останатите, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски.
– Кога бевме опозиција застанавме со работниците затоа што имаше реален проблем – платите доцнеа, колективните договори не се почитуваа и се подготвуваа законски измени со кои минималната плата требаше да се исфрли од формулата за пресметка. Тоа ќе значеше прекин на линеарниот раст на платите и слабеење на заштитниот механизам за илјадници вработени. Тогаш, заедно со синдикатите, поднесовме над 40 амандмани и го спречивме тој обид. Не дозволивме минималната плата да биде отстранета од системот. Тоа е причината зошто денес, кога расте минималната плата, растат и останатите примања – рече Стојановски.
Разликата денеска е суштинска, додаде тој.
– По две години управување со државата, не зборуваме за барања – зборуваме за реализирани договори. Во општините платите се зголемени во просек за околу 5.000 денари. Во основното и средното образование обезбедивме раст од 46% до 60% во четиригодишен период. Во високото образование зголемувањето е минимум 14%. Во здравството од 40 до 50% во еден мандат. Полициските службеници добија 10%, социјалните работници 20%, а околу 11.000 административци, судски и обвинителски службеници имаат гарантирано покачување од 40% до 2028 година – посочи Стојановски.
Сите колективни договори се испочитувани, додаде тој, а платите се исплаќаат редовно.
– Инфлацијата е стабилизирана од двоцифрени стапки на едноцифрена стапки на инфлација. Ова се системски решенија, не се импровизации. Оваа Влада вака го реализира договорот со работниците – рече пратеникот.
Ние, посочи тој, не бегаме од дијалог за минималната плата, но решенијата мора да се носат институционално, во Економско-социјалниот совет, со одржлив пристап што ја штити и економијата и буџетот.
– Кога сме во опозиција – спречуваме штета. Кога сме на власт – обезбедуваме раст. Работниците заслужуваат сигурност, договор што важи и политика што носи резултати – рече пратеникот Бојан Стојановски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата