logo
logo
logo

„Со техничката влада во Софија НЕ МОЖЕВМЕ ДА ПРЕГОВАРАМЕ, ЗА ПРЕГОВОРИ Е ПОТРЕБЕН ЦЕЛОСЕН ЛЕГИТИМИТЕТ“

Vecer | 27.03.2026

„Со техничката влада во Софија НЕ МОЖЕВМЕ ДА ПРЕГОВАРАМЕ, ЗА ПРЕГОВОРИ Е ПОТРЕБЕН ЦЕЛОСЕН ЛЕГИТИМИТЕТ“

Шефот на македонската дипломатија во вечерашното гостување во „Топ тема“ на телевизијата Телма рече дека имало иницијативи за состанок меѓу него, олеснувачи во меѓународните односи и тогашниот колега од бугарска страна, но тие запреле.

Говорејќи за неодамнешната посета на Брисел, министерот рече дека на средбите фокусот бил ставен на реформите, евроинтеграциите и билатералните односи и во тој контекст наведе дека во анализа, која треба наскоро да биде објавена, Македонија е лидер во регионот според реализацијата на мерките од реформската агенда.

Енергетската криза и геополитичките тензии, односите со Бугарија и реформите што се дела од задачите за земјава на нејзиниот евроинтегративен пат беа темите на кои во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизијата Телма говореше шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски.

Одговарајќи на прашања во врска со односите со Бугарија и дали е можен развој на настаните во тој контекст, министерот за надворешни работи и надворешна трговија оцени дека во овој период е потребна внимателност во јавните настапи поради претстојните предвремени парламентарни избори кај источниот сосед.

„Се наоѓаме во специфичен период и секој избрзан коментар може да не вовлече во изборниот наратив (во Бугарија н.з.). Провокации постојат и затоа мора да бидеме внимателни“, кажа тој.

Муцунски се осврна и на неодамнешната посета на Брисел, каде, како што кажа, фокусот бил ставен на реформите евроинтеграциите и билатералните односи.

Во тој контекст, шефот на дипломатијата рече дека во анализа, која треба наскоро да биде објавена, Македонија е лидер во регионот според реализацијата на мерките од реформската агенда.

„На ниво сме со Црна Гора, далеку пред Албанија, а неспоредливи со Србија, Босна и Херцеговина (БиХ) и Косово. Добивме пофалби од европските институции“, рече Муцунски, додавајќи дека и понатаму има предизвици и потреба од реформи.

Говорејќи за евентуален дијалог со Софија, Муцунски посочи дека постојат иницијативи, но нивната реализација е отежната. Во тој контекст, министерот рече дека не станува збор за одбивање од македонска страна да преговара со актуелната техничка влада во Бугарија, туку проблемот е што таа по природа на нештата нема целосен легитимитет. За дел од идеите и иницијативите што ги имало, претходната влада во Софија била консултирана преку претставници на Европската Унија и нејзини земји членки.

„Не е дека не сакаме да преговараме со техничка влада, но по природа таа нема целосен легитимитет. За дел од овие идеи, претходната влада во Бугарија беше консултирана преку претставници на ЕУ и земјите членки. Имаше иницијатива за состанок меѓу мене, олеснувачи во меѓународните односи и тогашниот колега од бугарска страна, но иницијативите запреа“, рече Муцунски.

Во однос на малцинските права, шефот на македонската дипломатија нагласи дека реципроцитетот е од клучно значење.

„Очекуваме Бугарија да ги почитува обврските од Европскиот суд за човекови права, односно регистрација на огранизациите на Македонците во Бугарија, како минимален услов. Потребни се и институционални гаранции дека уставните измени ќе бидат последното барање и дека нема да нови отстапки поврзани со идентитетот, јазикот и историјата“, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија на земјава.

На прашањето зошто овие теми не ги покренал во Советот на Европа, Муцунски рече оти факт дека Европската Унија преку примерот на Македонија создала пракса на други прашања кои не се во самото „аки“, односно целокупното право, правила и стандарди на Европската Унија што сите земји члнеки мора да ги прифатат и применуваат.

Говорејќи претходно за енергетската криза и геополитичките тензии, Муцунски рече дека тие носат сериозни ризици за економијата, но оти македонските институции внимателно ја следат состојбата и преземаат мерки за заштита од инфлаторни шокови.

Како што наведе тој, кај европските институции и земјите членки на ЕУ постои висока свест за зголемената нестабилност особено во котекст на војната во Украина.

„Оваа засилена волатилност дополнително влијае на процесот на снабдување со енергенси, но еден факт што често се занемарува е дека преку (Ормускиот) теснец поминуваат и различни синџири на снабдување, клучни суровини значајни за земјоделската индустрија“, рече тој.

Министерот предупреди дека ризиците од инфлација и раст на цените се реални, додавајќи дека најголем дел од мерките во ЕУ засега се носат индивидуално.

„Владата презема мерки во однос на цените на нафтените деривати и енергенсите, со цел да не се дозволат високи инфлациски шокови кои ќе влијаат на прехранбената идустрија и другите сектори. Процесот е сложен и треба внимателно да се надгледува“, рече Муцунски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk