logo
logo
logo

Барањата на соседите отстапуваат од Копенхагенските критиериуми и не се во духот на конститутивните акти на ЕУ

Vecer | 27.03.2026

Барањата на соседите отстапуваат од Копенхагенските критиериуми и не се во духот на конститутивните акти на ЕУ

Претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова со воведен говор ја отвори панел-дискусијата на Европските демократски студенти (ЕДС), учесници на Зимскиот универзитет на ЕДС 2026, што годинава се одржува во Скопје.

Младите лидери најпрво се заблагодарија на приемот и искажаа благодарност за можноста да разменат ставови за демократијата, безбедноста и европската иднина на Западен Балкан, како тема на панелот.

Сиљановска-Давкова укажа на кризата на демократијата во светот и Европа, како и на демократскиот дефицит на ЕУ, на сериозните безбедносни закани, како и на неодржливоста на исклученоста на државите од т.н. Западен Балкан од членството на ЕУ.

Според неа, барањата на соседите со коишто се соочуваме со децении отстапуваат од Копенхагенските критиериуми и не се во духот на конститутивните акти на Европската унија.

Таа потсети на десeттината „да“од страна на Европскиот парламент и Европската комисија и уште толку „не“ од Европскиот совет заради вето од некои соседи.

Осврнувајќи се на компаративните историски искуства на проширувањето на Европската Унија, претседателката укажа на примерите на вклучување во членство на кандидатки коишто не исполнувале некои од критериумите за членство во ЕУ, како доказ за двојни стандарди и нарушен кредибилитет.

За неа, Западниот Балкан не е товар за апсорпциониот капацитет на ЕУ и неговиот прием ќе означи крај на вештачката поделба на Запад и Исток, ќе стави крај на балканизацијата и ќе обезбеди поголема безбедност на ЕУ, но и на Европа.

Исто така, според претседателката, иако во моментов е тешко да се зборува за реформи на ЕУ, тие се неопходни.

Претседателката очекува ЕУ итно да го преиспита својот однос и политика кон Западниот Балкан, со оглед на растечките безбедносни закани и дилеми во воен и несигурен меѓународен амбиент, нарушена, драматичната промена на меѓународниот поредок, минимизиран мултилатерализам и сериозната криза на лидерство.

За неа, војните се плодна почва за авторитаризам, републикански монархизам, од типот на бонапартизам, но и опасност од нови мигрантски бранови.

Сепак, Сиљановска-Давкова, сè уште верува во шансите за преговори за враќање на мирот, безбедноста и демократијата.

Во панел-дискусијата, европските демократски студенти се вклучија со низа прашања и коментари, меѓу кои и следниве: „Како прва жена претседателка, како би нè советувала, нас, критички настроените млади да влијаеме врз зголемувањето на бројот и учеството на жените во креирањето на политики на сите нивоа? Кои се македонските приоритети во безбедносната политика и како ќе ги остварите? Колку е тешко да се промовира и одржи граѓанското единство во мултиетничко општество, како македонското?“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk