Дали за промената на деталниот урбанистички план во Тетово, прорускиот бизнисмен Миодраг Давидовиќ-Дака го подмитил Зоран Заев со 4 милиони евра, праша денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.
„Во аудио снимката во која Давидовиќ-Дака разговара со посредникот на Заев, Зоран Милески Кичеец, Дака му вели на Кичеец дека ако ја спроведе работата, тој ќе им даде 2 милиони, а друг ќе им даде уште 2 милиони евра. Според аудио снимката, која е достапна на социјалните мрежи, јасно се вели дека Заев ќе заработи 4 милиони евра доколку се изгради бетонската џунгла во Тетово, која требала да биде со околу 2.000 станбени единици со проценета вредност од 200 милиони евра. Дали со овие пари Заев и неговиот чирак Филипче купуваа акции во индиската авиокомпанија или пак купија станови во Дубаи“, рече Петрушевски.
Венко Филипче и СДСМ, додаде тој, никогаш не се оградија и не се дистанцираа од Заев, затоа што тој го води СДСМ и одлучува во името на Филипче.
„Јавното обвинителство под диктат на Заев и СДСМ не ги истражи овие индиции и сомнежи за поткуп вреден 4 милиони евра. Затоа го повикуваме ЈО повторно да се истражи случајот, затоа што граѓаните заслужуваат правда“, вели Петрушевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата