logo
logo
logo

А КОЛКУ НЕ СЕ ПРОНАЈДЕНИ?! Судијата Ѓоко Ристов негира вина за пронајдените 350.000 евра

Vecer | 28.05.2026

А КОЛКУ НЕ СЕ ПРОНАЈДЕНИ?! Судијата Ѓоко Ристов негира вина за пронајдените 350.000 евра

Во Кривичниот суд започна судењето против суспендираниот апелациски судија Ѓоко Ристов, откако во куќата на неговите родители во Неготино беа пронајдени 350.000 евра скриени во ѕид.

Ристов на почетокот од процесот изјави дека не се чувствува виновен за кривичните дела што му се ставаат на товар.

„Не се чувствувам виновен ниту за првото, ниту за второто кривично дело со оглед на правната квалификација“, изјави Ристов пред судот.

Против него е покренато обвинение за непријавени и неевидентирани 350.000 евра, кои биле пронајдени заѕидани во кујната на семејниот дом во Неготино. Парите биле спакувани во 13 одделни пакувања и сокриени во шуплини од цигли во ѕид од една од просториите.

Случајот се отвори откако беше уапсен поранешниот државен правобранител и адвокат Фехми Стафа, кој бил фатен при примање 50.000 евра. Во истрагата тој посочил дека парите биле наменети за судијата Ристов, со цел посредување за укинување на мерка притвор.

Обвинителката Искра Хаџи Василева во воведниот говор истакна дека Обвинителството ќе докажува оти Ристов го прикривал својот имот и дека нема законско покритие за пронајдените средства.

Таа посочи дека станува збор за сума еквивалентна на околу 450 просечни плати и најави дека Обвинителството ќе докажува и кривично дело перење пари, како и трговија со влијание.

„Ќе докажеме дека парите пронајдени во семејната куќа биле негови и стекнати преку трговија со влијание“, рече обвинителката.

Одбраната, предводена од адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, тврди дека обвинението нема цврсти докази.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk