26-годишниот велешанец кој беше во притвор, а му се суди за „трговија со дете“ излезе на слобода. И додека Обвинителството докажува дека тој со закана овозможил 15-годишната малолетничка да биде силувана и снимана, како што пренесува Скопје1, Апелација го пушти да излезе од притвор. Гаранцијата вредна 70.000 евра која велешанецот ја оставил, за Апелација е доволен доказ дека тој нема да избега.
Адвокатката на жртвата алармира дека девојчето се чувствува небезбедно, а вели и дека не гледа оправданост во одлуката на Апелација.
„Во врска со прашањата упатени по однос на предметот појаснуваме дека во конкретниот случај основот на мерката притвор е само поради опасност од бегство по член 165 став 1 точка 1 од ЗКП, а не и поради влијание на сведоци или повторување на делото. Инаку, спрема обвинетиот е определена мерка притвор сметано од 26.1.2023 година. Мерката гаранција е една од мерките за обезбедување присуство на обвинетиот. Во оваа фаза на главна расправа советот оцени дека понудената гаранција е доволна по основ и висина за обезбедување присуство на обвинетиот“, велат од Апелација за „Скопје1“.
Адвокатката на девојчето Наташа Бошкова тврди дека пракса на укинување од притвор за вакво дело – немало и додава дека не гледа оправдување за одлуката. Исто така, вели и дека смета оти со оглед на тоа дека девојчето е дома пуштањето на првообвинетиот ќе влијае врз нејзината безбедност.
Инаку, случајот излезе во јавноста на почетокот од годинава кога беше откриено дека првоосомничениот, дваесет и петгодишен велешанец, од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година, со употреба на закана над детето – жртва им овозможил на останатите осомничени и на други НН лица да вршат полови дејствија со жртвата на трговија со луѓе. Комуникација со девојчето остварил преку Инстаграм. Обвинение беше поднесено против 15 лица, двајцата тетовци се спогодија со Обвинителството и добија условни казни. Сега од 13 велешани кои седнаа на обвинителна клупа, еден призна вина и доби две години затвор. Дел од обвинетите се соочуваат со минимум 3-годишни затворски казни, додека дел со минимум осум години затвор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата