Адвокатот на Александар Ѓорчевски побара судот да донесе ослободителна пресуда, истакнувајќи дека неговиот клиент не очекува сочувство или милост, туку само праведна судска одлука. Според одбраната, обвинението против таткото на Вања е неосновано, а постапката на обвинителството е критикувана поради недостаток на цврсти докази.
Адвокатот Туфегџиќ нагласи дека обвинителот, иако бил свесен за недостиг од докази, не го повлекол обвинението. "Ниту постои доказ за каква било комуникација или поврзаност помеѓу таткото и првообвинетиот, ниту има доволно докази што го поврзуваат со случајот", истакна тој. Незадоволството се насочи и кон евентуално донесување компромисни одлуки, кои ќе бидат мотивирани од трошоците на постапката.
И другите одбранбени адвокати, кои ги застапуваат Влатко Кешишев и Боре Видевски, побараа ослободување на нивните клиенти, оценувајќи дека обвинителството не доставило докази.
Адвокатот на Видевски, Бојан Манев, посочи дека на судењето не се презентирал ниту еден материјален доказ, како ДНК трага или снимка со ликот на обвинетите. "Обвинението изгледа како конструирано, а Обвинителството направи сериозни пропусти", потенцира Манев.
Игор Ефремов, адвокатот на Кешишев, нагласи дека неговиот клиент не учествувал во кривичните дела ниту како извршител, ниту како соизвршител. Притоа, според одбраната, Кешишев дејствувал од страв и под притисок на првообвинетиот.
Бранителот на Велибор Манев побара ослободителна пресуда за обвиненијата за убиство, но да се изрече соодветна казна во однос на грабнувањата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. "Обвинетиот ги негира убиствата, нема претходен договор со другите обвинети, ниту умисла за тие дела", изјави адвокатот Горан Бошевски.
На следното рочиште завршни зборови ќе даде адвокатот на Љупчо Палевски и останатите обвинети. Јавното обвинителство веќе побара максимална казна доживотен затвор за Палевски, Кешишев, Видевски и Манев, додека за Ѓорчевски, таткото на Вања, побара судот да одреди соодветна затворска казна.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата