Од шесте најголеми држави во Европската Унија, пет не се спремни за проширување. Само Полска е за. Кога би биле спремни за проширување, не би дискутирале за вештачки проблеми, односно за тоа дали Македонија е заглавена во евроинтегративниот процес, вели министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски во интервју за Коха.
Според Николоски, Европската Унија само ги лаже земјите од регионот дека ќе станат членки.
– Ние сме малку поискусни од колегите во регионот. Ним ова им е прв или втор пат да ги излажат, нам ќе ни биде дваесетти пат и тука нема друга разлика во пристапот. Нечесно е да се лажат луѓето, а она што се случува е обид да се лажат луѓето во целиот регион. Во однос на проширувањето, ситуацијата е јасна, тоа застана во 2013 година со Хрватска. Можноста да продолжи според мене е рамна на теорија. Не заради нас, туку заради внатрешните состојби во ЕУ. Кога би било спротивно на она што јас го кажувам, 13 години, од 2013 до 2026 година, се доволен период да ова што го зборувам се демантира – рече вицепремиерот.
Според него, Македонија и да прифати сè, пак ништо нема да се случи.
– Еве ние се да прифатиме како што во односите со Грција претходната влада се прифати, пак ништо нема да се случи. Затоа што тоа е добриот изговор на реалноста, а реалноста е дека нема апетит за проширување. Премиерот на Албанија и претседателот на Србија испратија заедничко писмо во кое, грубо кажано, порачаа: ние сме свесни дека не нè примате, дај да се договориме за други односи. Никој во регионот, за жал, нема да стане член, не заради нас, туку затоа што ЕУ не е подготвена – рече Николоски.
На прашањето, која е алтернативата, Николоски вели дека треба и понатаму да ги градиме односите со ЕУ.
– Никој не вели ние сега со Кина да се здружиме, се разбира дека број еден партнер на целиот регион е ЕУ и се разбира дека натака треба да ги градиме нашите односи. Но исто така се разбира дека не треба да ги лажеме луѓето да им кажеме дека за година две ќе станеме членови кога нема да станеме, никој од регионот. Има моменти кај што можеме да надоградиме, Планот за раст е одлична работа. Треба да ги завршиме тие работи. Ако се промени моменталната политичка реалност, тука сме, ако не се промени не треба да очајуваме – смета тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата