Е-трговијата во Македонија во првиот квартал од 2026 година бележи рекорден раст, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Македонските граѓани и странците потрошиле вкупно 16,3 милијарди денари, односно 265,9 милиони евра онлајн во првите три месеци од годинава, што претставува скок од 18,1% во однос на истиот период лани. Воедно, бројот на реализирани онлајн набавки пораснал на 7,6 милиони трансакции.
Од вкупната сума, најголемиот дел или 156,2 милиони евра завршиле на сметките на домашните онлајн продавници, додека за купување од странски веб-сајтови Македонците потрошиле 109,7 милиони евра.

Интересен тренд е што странските купувачи сè повеќе пазаруваат кај македонски е-трговци. Бројот на нивните трансакции со странски картички се зголемил за огромни 44,4%, а вредноста на нивните купувања достигнала 16,2 милиони евра.
Анализата на АЕТМ покажува дека онлајн купувањето во земјава станува дел од секојдневните навики на граѓаните, а не само за повремени големи набавки. Тоа го потврдува фактот што граѓаните купуваат почесто, но трошат помали суми по трансакција. Па така, просечната вредност на едно купување кај домашните продавници се намалила на 35,3 евра кај Македонците, и 37,9 евра кај странците. Единствен раст на просечната вредност од 7,3% има кога нашите граѓани нарачуваат од странство, каде во просек трошат по 33,6 евра по трансакција.
Претседателката на АЕТМ, д-р Нина Ангеловска Станков, истакнува дека двоцифрениот раст јасно покажува оти дигиталното купување станува стандард. Таа додава дека особено позитивен сигнал е тоа што во првите три месеци од годинава се регистрирани дури 59 новоотворени онлајн продавници, што е доказ дека домашните компании масовно инвестираат во своето дигитално присуство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата