Секогаш има падови, грешки, но има и поуки и враќање. Само што за тоа треба памет, трпение, упорна посветеност и чист ум. Ова последното особено.
Ако не ги сметаме изборите во 1994 кои ВМРО ДПМНЕ ги бојкотираше, фактите кажуваат дека СДСМ имале повеќе пратеници од ВМРО ДПМНЕ само по изборите во 2002 кои Црвенковски и Љубчо Георгиевски ги договорија за идната власт на СДСМ да не го гони Љубчо за корупција. Особено не за проневера на парите од продажбата на Телеком, на раат да живее како “просечен бизнисмен“.
Георгиевски тогаш, за возврат, не само што ја предаде борбата, туку предизвика и низа фракции и поделби во ВМРО ДПМНЕ за држење под контрола на наследникот Никола Груевски и со тоа да му олесни на Црвенковски и власт и иднина за доминација на СДСМ. Ни едното, ни другото не му успеа на Љубчо.
Иако само еднаш загубиле од СДСМ на парламентарни избори, па и тие договорени, од лидерството на Заев наваму СДСМ делува како спаринг партнер на ВМРО ДПМНЕ за вежбање политичка доминација. Мицкоски ги потепа тотално.
По изборите во 2016, во услови на страшна пропаганда и “шарена револуција“ за која сега и службено знаеме кој ја плаќал и за која цел, излегоа Груевски против Заев, завршено со пораз на СДСМ 36/34.
На изборите во 2020-та излегоа Мицкоски против Заев и видовме дебакл на СДСМ резултат - 34/22.
На последниве избори во 2024-та на мегдан излегоа Мицкоски против Димитар Ковачевски (веројатно име уште некој што се сеќава на него). Резултатот е толкав дебакл на СДСМ што ми е непријатно да ја потсетувам јавноста на бројките, но резултатот е 55 пратеници ВМРО ДПМНЕ а 15 (не е грешка, петнаесет) од СДСМ.
Ништо не почнува од нас, сега, ниту со нас завршува. Затоа е битно да ги знаеме фактите за падови и издигнување во македонската политика на двете водечки партии. И кој како се однесувал од падот да стане, а на врвот да се покаже.
По единствениот парламентарен пораз на ВМРО ДПМНЕ од СДСМ во спомнатата 2002 година, партијата беше во фрагментација. Љубчо се обиде да ја разбие на помали партии лично основајќи ја ВМРО Народна помогнат од неколку корумпирани бивши министри и пратеници.
Имаше и физички пресметки помеѓу нафатираните “војводи“ на Љубчо под контрола и со масовна јавна и полициска поддршка на СДСМ, премиерот Црвенковски и неговиот министер за полиција Хари Костов.
Целиот имот на партијата, освен штабот во Скопје, Љубчо и “војводите“ го имаа префрлено на свои имиња и на лични фирми. Ситуацијата за Груевски и скопското крило на ВМРО ДПМНЕ кое доминираше во раководството беше очајна но, Љубчо загуби. и на крај, со Љубе Бошковски, станаа коалиционен партнер на СДСМ.
Четири години подоцна, во 2006-та, ВМРО ДПМНЕ се врати на власт. Што одлучи за таа брза и ефикасна трансформација од поразена партија, разбивана од внатре и од надвор, стигматизирана од силниот систем на “невладини“ организации и медиуми под контрола на СДСМ, следена и манипулирана од полицијата...
Одлучи, прво, тоа што ВМРО ДПМНЕ, за разлика од СДСМ има политика и има идеологија. СДСМ функционира, отсекогаш, како фирма: акционерско друштво на олигарси, “невладини“ организации и извршители на странски нарачки за да се добие дипломатска поддршка внатре и покривање на секогаш присутната мега корупција кога СДСМ е на власт. И таа нивна корупција секогаш била во првите две-три најголеми корупции во Европа. Секогаш, од 1990-та па се до денес.
Кога се има идеологија, тогаш голем дел од јавноста разбира што е вашата цел, ги разбира мотивите и препознава свои интереси и ставови во таа идеологија.
Второ, особено од 2006-та наваму, заклучно и со сегашната влада на ВМРО ДПМНЕ, кај нив се инсистирало на реални проекти кои, во најголем дел, се остварувале а се темелеле на јавен сектор: автопатишта, енергетика, инфраструктура, здравство со нови објекти и опрема, образование со нови факултети, стипендии дома а за најуспешните и во странство, пензии и плати.
Тоа се таргети, цели кои се од интерес за сите, без оглед на нација, пол или вера.
СДСМ “продава“ општи фрази за еднаквост меѓу половите, еднополови бракови, доминација на нивните “невладини “ организации во донесувањето државни одлуки, до одлуки на обвинителите и судиите што е изместување на државните институции од рацете на избраната власт во раце на “невладини“ активисти од улица, што е пак пасивен државен удар и деформирање на државниот систем.
Во недостаток на идеологија, препознатлива и прифатлива за мнозинството, “идеологијата“ на СДСМ се впушти во забрана на книги за учениците приморани да учат од интернет и од социјалните мрежи на нивните спонзори. Им ги одзема децата на родителите именувајќи ги родител 1 и 2 наместо татко и мајка. Ги подучуваше децата создадени од маж и жена на еднополови бракови во кои нема пород, и нови деца... Патем, прогонуваа традиција, национални обележја, го шмирглаа и пребојуваа сонцето од Кутлеш, го разбија државниот и правосуден систем и билдаа мега корупција. Финално, паднаа на мизерни 15 пратеници.
Има ли шанса СДСМ, сега пред локални избори, да се воздигне како што два пати досега, во 2006-та и во 2024-та се воздигна ВМРО ДПМНЕ. Не. Напротив, подлабоко се во калта отколку што беа со поразот на последните избори. Сега се во жива кал, колку повеќе мрдаат и врескаат пропаѓаат уште подлабоко.
И онака немаа политичка идологија, иако во времето на Црвенковски, и тоа само повремено, глумеа “партизанштина“ која заврши со свеченост во Струмица за почит на бугарските војници што ја промовирана премиерот Владо Бучковски и исфрлање од Уставот на декларацијата на АСНОМ за слободна Македонија.
Партијата, и формално, им ја презедоа “соросоидите“ и “невладините“, кои се инсталираа во самиот врв на СДСМ и ставија точка на социјалдемократијата.
Јавноста не знае, но еве да дознае: групата свесни за деполитизацијата на политичката партија СДСМ реши да создаде алтернатива. Модел познат по распадот на грчкиот ПАСОК кога се создаде Сириза, и потоа освои власт.
Црвенковски е иницијатор и креатор на ЗНАМ. Да, лично тој. Собира група од дваесетина самосвесни социјалдемократи и договара лидер за идната партија еден од најдобрите македонски бизнисмени. Но, работата пука кога станува јасно дека во СДСМ нема идеологија и работна навика, и проектираниот лидер се повлекува, а ЗНАМ продолжува како проект без Бранко се до крајното формирање и освојување, за партија која почнува, респективен број од шест пратеници.
И влегува во власта со партизанската идеологија која е, во суштина, продолжение на идеалите на Илинден и комитите. До каде, и кон каде, ќе продолжи ЗНАМ ќе видиме, но до каде ќе паѓа и пропаѓа СДСМ веќе гледаме. Можеби еден ден, во некоја иднина, ќе се случи и спојување на ЗНАМ со некој друг СДСМ, други луѓе и навики, но во тој процес ЗНАМ ќе диктира услови и правила.
Од друга страна ВМРО ДПМНЕ се забрефтани со ентузијазам како што по Втората светска војна е градена Југославија по работни акции. Како што Аденауер ја градел урнатата Германија по Втората светска војна. Нема што е планирано а не е остварливо. Се е прашање на време. Кога, е на дали ќе го биде. За три до пет години Македонија ќе биде друга држава, онаа што ја знаеме од добрите времиња.
И што нуди СДСМ контра таа булдожер политика на ВМРО ДПМНЕ? Ги нуди истите кадри кои партијата ја легнаа на само 15 пратеници, и кои создадоа најголема корупција во Европа после Украина. Истите кои урнаа државен и правен систем.
И со што СДСМ излегува против булдожер политиката за градење низ цела Македонија: од болници, преку факултети, до автопатишта... Реконструкција на правниот и државен систем, странските инвестиции и покачувањето плати и пензии...? Со создавање „скандали“ во серија. И тоа какви скандали!!!
Во Битола решиле да постават велосипедски патеки. И ги поставиле. Ги офарбале со црвена боја па, замисли, патем имало еден камен, големина на кутија за цигари, кој останал на ивица од патеката додека е фарбана и пола камен е офарбан црвен. Останал каменот. Демек, фушерај била патеката заради каменот. Па тоа е стварно скандал. Мега скандал.
Се дигнаа “невладините“ и соросоидите од СДСМ по Фејсбук и Твитер како проектите на владата биле фушерски затоа што каменот не е тргнат... За да не гувеат без работа, нека го видат паркчето на плоштад во Скопје од нивниот Шилегов од три вреќи трева платена пола милион евра. Само камења има.
Па се преселија во Кочани да го бранат битангата од нивната коалициона партија во општинскиот совет кој гаѓаше и погоди жена со шише затоа што, нели, бил нервозен поради мобинг, не го оставиле за директор на Комуналното затоа што бил Ром. Ако си Ром или Албанец мора да си директор, и тоа доживотно. Ако си Македонец, Турчин, Србин или Влав имаш краток рок на функционерско траење.
Некако ќе го решиме каменот во Битола, ако треба за мерак на соросоидите и СДСМ можеби ќе има и судење за работникот што фарбал, а не го тргнал. Да лежи и во затвор, ако тие бараат. Но, како земјотресот од мафијата, нивните “невладини“ уличари, и диктаторите од СДСМ ќе го решиме. Последиците од нив не се само пола офарбан камен по велосипедска патека, каков суд треба за тоа?
Д.П. Латас (21.06.2025)
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата