Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, преку објава на социјалната мрежа X остро ги отфрли тврдењата на опозициската СДСМ дека постапил по политички притисок од ВМРО-ДПМНЕ при поднесувањето кривични пријави против лидерот на партијата Венко Филипче и уште неколку партиски функционери.
Реакцијата на Славески следува откако од СДСМ во медиумите изнесоа обвинувања дека премиерот Христијан Мицкоски наводно ја штител „Алта банка“ и го натерал гувернерот да поведе постапки против Венко Филипче, Саша Димитријевиќ, Андреј Жерновски и Александар Трајановски. Од Народната банка претходно посочија дека пријавите се поднесени поради изјави за банката со кои, според нив, се ширела паника и невистини.
Во својот одговор до опозицијата, гувернерот Славески нагласи дека одлуките ги носи самостојно и без влијание од партиски или владини структури.
„Го натерал, му наредил… Што ви е вам?! Последната наредба што ја примил и извршил војникот Т. Славески е од своите старешини за време на отслужување на воениот рок во поранешната ЈНА во далечната 1983/84 година на Косово“, напиша Славески на платформата X.
Со ваквиот став, Славески, кој во минатото извршуваше и функции како министер за финансии и министер за развој, децидно ги демантираше наводите за каков било политички притисок врз неговата работа и врз независноста на централната банка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата