logo
logo
logo

НЕЗАВИСНОСТА НЕ СЕ ОБЕЗБЕДУВА СО ПАРИ, ТУКУ СО РАБОТА - Судството ќе добие повеќе пари кога ќе има резултат

Vecer | 18.07.2026

НЕЗАВИСНОСТА НЕ СЕ ОБЕЗБЕДУВА СО ПАРИ, ТУКУ СО РАБОТА - Судството ќе добие повеќе пари кога ќе има резултат

Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека правосудниот систем нема да добие дополнителни финансиски средства сè додека, како што рече, не покаже резултати и не почне да испорачува правда за граѓаните.

Коментарот на Мицкоски следуваше по објавувањето на последниот извештај на Европската комисија за состојбите во правосудството, во кој се нотираат и позитивни оценки, но и забелешки за функционирањето на системот.

– Пари повеќе нема да добијат. Пари нема да добијат, иако се бара и во Законот за јавно обвинителство да се стави сума од 0,5 проценти од буџетот. Нема да добијат затоа што не ги заслужиле, затоа што очекуваме дека правдата ќе ја донесат – изјави Мицкоски.

Тој посочи дека Владата ги исполнила барањата на судството во делот на вработувања, самостојност и други услови, но дека понатамошното финансирање, според него, мора да биде поврзано со конкретни резултати.

– Независноста со пари не се обезбедува, туку се обезбедува со работа. Со работа, а не со допишување на работни саати, дежурства и проценти – рече премиерот.

Мицкоски објасни дека извештајот на Европската комисија е редовен документ кој последните години се однесува и на дел од земјите кандидати за членство во Европската Унија.

Според него, анализирани се состојбите во периодот од 2023 до 2025 година, а меѓу кандидатите опфатени се Македонија, Црна Гора, Албанија и Србија.

– Во него има пофалби, констатирани политики кои испорачуваат, но има и критики – рече Мицкоски.

Како клучни забелешки од извештајот, тој ги посочи констатациите за политички притисок врз судството, потребата од повеќе финансиски средства за обвинителите и судиите, но и критиките за нивната работа.

Од една страна велат судскиот систем не испорачува, а од друга страна Владата да даде повеќе пари. Тие две работи едно со друго не одат. Или ќе почнат да испорачуваат, па да добијат, или нема да добијат – нагласи премиерот.

Тој додаде дека ќе продолжи јавно да ги повикува судиите и обвинителите да покажат поголема ефикасност.

– Јас ќе продолжам во таа насока да испраќам пораки. Со сета политичка одговорност и ризик што ги имам, ќе продолжам сè додека не видиме напредок во испораката на правдата – изјави Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk