logo
logo
logo

ФОТОГАЛЕРИЈА | МВР ДОБИ 496 НОВИ ПОЛИЦАЈЦИ - Тошковски: Ова не е само професија, туку животен повик

Vecer | 31.07.2026

ФОТОГАЛЕРИЈА | МВР ДОБИ 496 НОВИ ПОЛИЦАЈЦИ - Тошковски: Ова не е само професија, туку животен повик

Македонската полиција од денеска е посилна за 496 нови полициски службеници. Во центарот за обуката во Идризово денеска беше промовирана новата генерација полициски службеници 2025 - 2026, на свеченоста на која присуствуваше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој порача дека полициската професија не е само работно место, туку животен повик што бара храброст, чесност, професионалност и човечност. 

„Со денешната свечена заклетва не добивате само работно место, туку прифаќате голема одговорност и ја преземате честа да ја носите униформата која граѓаните ја препознаваат како симбол на редот, законот и сигурноста“, порача министерот Тошковски.

Тој нагласи дека Министерството во изминатиот период спроведува темелна модернизација и јакнење на полициските капацитети преку инвестиции во нови полициски станици, современа опрема, возен парк, дигитализација на услугите и имплементација на современи безбедносни системи, со единствена цел – граѓаните да живеат побезбедно, а државата да биде посилна.

„Денес Република Македонија има најнизок криминалитет во последните дваесет години, што е резултат на посветената работа на секој полициски службеник, но и на реформите, модернизацијата и професионализацијата што континуирано ги спроведуваме“, истакна Тошковски.

Министерот посочи дека новата генерација уште за време на обуката покажала исклучителна дисциплина, професионален потенцијал и врвни резултати. Генерацијата е составена од два тима за специјалните полициски единици, два тима за гранична полиција и десет тима за полиција од општа и сообраќајна надлежност, кои оствариле одлични резултати во наставните дисциплини, практичните вежби и професионалните области.

Во своето обраќање Тошковски истакна дека Центарот за обука во Идризово денес претставува современа, меѓународно акредитирана образовна институција, која од оваа година прерасна во Полициска академија, а од септември повторно ќе започне со работа и Средното полициско училиште „7 Мај“, како значаен чекор во создавањето нови генерации професионални полициски службеници.

Пред присутните се обрати и помошникот министер и раководител на Полициската академија, Влатко Митковски, кој истакна дека генерацијата 2025–2026 е првата која успешно ја поминала новата наменска основна обука организирана во три специјализирани модули – за полиција од општа надлежност и сообраќај, за гранични работи и за специјални полициски операции. Тој потенцираше дека, покрај стекнатите професионални знаења и вештини, оваа генерација ќе остане препознатлива и по својата хуманост, преку бројните доброволни хуманитарни активности и крводарителски акции реализирани за време на обуката.

„Кога првпат влеговте во Академијата, дојдовте со различни животни приказни, искуства и очекувања. Денес стоите пред нас како генерација што успешно ја помина обуката, ги совлада професионалните стандарди и покажа дека има капацитет да ја носи одговорноста што ја бара полициската професија. Но, најважната лекција што требаше да ја научите не беше како да примените одредена полициска техника или процедура. Најважната лекција беше дека полицискиот службеник секогаш мора да биде човек со интегритет. Полициската униформа не претставува само службено обележје – таа претставува доверба, а довербата се заслужува секој ден, преку професионално, законито и достоинствено постапување“, истакна Митковски.

Митковски информираше дека основната обука успешно ја завршиле 496 кандидати за полицаец, од кои 364 за полиција од општа надлежност и сообраќај, 78 за гранична полиција и 54 за специјалните полициски единици, кои од денес и официјално се подготвени да се приклучат во редовите на македонската полиција. На свеченоста новите полициски службеници положија свечена заклетва, со што и официјално станаа дел од Министерството за внатрешни работи и ја презедоа обврската чесно, законито и професионално да им служат на граѓаните и на Република Македонија.

На церемонијата беа доделени плакети за најдобри тимови од оваа генерација, а за најдобар од генерацијата 2025-2026 беше прогласен Јован Тасевски, на кого му беше доделена свечена плакета од страна на министерот Тошковски, а доби и пригоден подарок од Македонскиот полициски синдикат, по што сите кандидати за полициски службеници од генерацијата 2025-2026 дадоа свечена изјава пред присутните.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk