Оттаму посочуваат дека ваквиот начин на водење на истрагата за трагедијата во Кочани, не е правда, туку „одмазда за вклучувањето на Албанците во институционалните текови“
По информацијата дека истрагата за пожарот во Кочани се проширува за 23 нови осомничени и дека се приведени поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување, со реакција се јавија од ДУИ, нагласувајќи дека албанскиот народ во земјава бил под напад од институциите на сопствената држава.
„Денес, албанскиот народ во земјава е под напад од институциите на сопствената држава коишто се целосно заробени од политичките и етноцентристички интереси на власта.
За да се заштитат себе си и своите, премиерот, министерот за внатрешни работи и јавниот обвинител еднострано ја насочија истрагата против Албанците кои на било каков начин и било кога биле дел од институциите на системот.
Јасно изјавуваме дека денес против Албанците е прогласена еднострана и неправедна агресија, без разлика дали станува збор за ДУИ, за албанските партии во власта или за Албанците воопшто“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Оттаму посочуваат дека ваквиот начин на водење на истрагата за трагедијата во Кочани, не е правда, туку „одмазда за вклучувањето на Албанците во институционалните текови“.
„ДУИ ќе ги преземе сите потребни мерки за да се спречи продолжувањето на овој напад и да се обезбеди правда за албанскиот народ во земјава“, децидни се од ДУИ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата