Сејф сити, или надзор над сообраќајот преку полициски камери е само еден од трите сегменти кој го надгледува човекот и неговата одлука за возењето, еден од елементите на “светото тројство човек-визило-пат“ на сообраќајната безбедност на патиштата. Другите два елементи од тоа “свето тројство“ се автомобилот и патиштата за кои досега не е виден план и решение, особено затоа што градовите не сносат и не плаќаат казни за оштетени патишта кои предизвикуваат штета и неисправност на возилата.
А што е со третиот елемент на “светото тројство“, возилата?
На крајот на краишта алатката со која се врши сообраќајната несреќа е - возилото. Од неговата состојба, исто колку и од одлуката на човекот како да вози, зависи настанот и особено последиците.
Само во првиот ден од пробната работа на Сејф сити, и тоа само во Скопје, МВР извести дека камерите забележиле над 1.000 возила во сообраќајот кои не се регистрирани а искуството кажува дека најголем дел од нерегистрираните се и неисправни возила. Стари возила кои не можат да поминат техничка контрола!
Неисправно возило во сообраќајот е темпирана бомба за сите наоколу, еднакво опасно како дрогиран или пијан возач зад воланот. Колку и да е совесен возачот, возилото е надвор од контрола.
Мора да се најде државна стимулација за поволна цена на новите автомобили

Секако дека граѓанинот сака да има понов и исправен автомобил, и поради сопствената и поради општата безбедност но, кај нас давачките за автомобилите се големи, пресметано вкупно поголеми од околните држави во регионот и тие неколку иљади евра поголема цена се најчесто решавачки за изборот стар или нов автомобил.
Државата има голем прилив од даноци и придонеси од прометот на автомобили но, треба да се пресмета балансот на заработката од високите давачки и дестимулацијата која граѓанинот го усмерува наместо нова да купи стара кола. Со Сејф сити е јасно дека приходите во буџетот од сообраќајни казни ќе бидат значително поголеми од досега и можна е рекалкулација да се намалат давачките за купување нови коли, а загубата во буџетот од тоа и онака би се дополнила од зголемениот износ од казни преку Сејф сити.
Во последните десет години над 80% од увезените автомобили се половни, а годинава на еден нов автомобил доаѓаат 3,5 половни.
Истовремено, бројот на регистрирани возила е дуплиран – од 350 илјади во 2012 на речиси 700 илјади во 2024, но и покрај тоа просечната старост е зголемена на 19,4 години, што значи дека на патиштата се возат сè повеќе и сè постари автомобили.
Во Скопје е регистрирано секое трето возило во земјава, со над 33% од патничките и 38% од товарните автомобили. Дизелот доминира со 63% удел, бензинот паѓа на 26%, а електричните и хибридните возила бележат брз раст – само лани +169% за електрични и +295% за хибридни автомобили.
Ова го покажува анализата на МИА на податоците од Царинската управа и Државниот завод за статистика.
Во земјава од почетокот на годинава досега, според податоците од Царинската управа, се увезени вкупно 62 069 возила, од кои 53 867 се патнички автомобили. За 11 месеци во минатата година увезени се вкупно 12 025 нови атомобили, наспроти 41 842 половни автомобили.
Кај увозот на товарни моторни возила, годинава има повеќе увезени нови возила 4 408, наспроти 3 502 половни, додека нови автобуси и минибуси годинава се увезени само 13, наспроти 278 употребувани.
Од 2009 година досега, според податоците од Царинската управа, увезени се вкупно 631 574 патнички автомобили, од нив над 81 процент или 515 856 се половни, а само 115 718 се нови автомобили.
Увозот на нови возила дури минатата година за првпат го надминува бројот на увезени нови возила во 2009 година, кога за последен пат во земјава биле увезени повеќе нови – 10 574 автомобили, наспроти половни – 2 944 автомобили.

Од тогаш во земјава секоја година се увезуваат повеќе половни од нови автомобили, додека од 2010 до 2023 година ниту еднаш не се увезени повеќе од 10 илјади нови автомобили, и дури минатата година е надминат овој праг кога се увезени 13 168 нови автомобили. Сепак, истовремено, минатата година се увезени и 41 484 половни возила.
Увозот на нови возила од 2010 година бележи благ раст, од 12,9 проценти во 2010, на 26,5 отсто во 2025 година. Највисок удел новите возила имаат во 2022 година, кога 28% од вкупно увезените возила во земјава биле нови.
Секое трето возила во земјава е регистрирано во Скопје, за десет години двојно зголемен бројот
Вкупниот број на регистрирани возила во последните десетина години, според податоците од Државниот завод за статистика, е дуплиран, од 350 762 во 2012 година на 699 111 регистрирно возило во 2024 година, со просечен годишен раст од околу 6 проценти. Најсилни трендови на раст има во 2013 од +17,35 отсто и 2023 година од + 15,62 отсто.
Гледано по категории, патничките автомобили доминираат со стабилен раст (~5.6% годишно) и го носат главниот дел од флотата низ целиот период, додека мотоциклите имаат највисок релативен раст од над 10% годишно, што укажува на проширување на оваа сегментација – можни фактори: достапност, урбани мобилни трендови, пониски трошоци за одржување.
Автобусите растат побавно долгорочно со само +2.58% годишно , а 2024 бележат и пад од −3.7%.
Секое трето возила во земјава е регистрирано во Скопје. Од вкупно 699 111 регистрирани возила лани 229 546 биле регистрирани на територија на Градот Скопје. Истиот тренд е и кај патничките автомобили, со удел од 33,33%, односно од вкупно 580,210 регистрирани автомобили лани, 193,356 биле во Скопје.
Возниот парк се зголемува, но старее – на патиштата се возат се повеќе и се постари автомобили
Растот на бројот на патнички возила не значи нужно и подмладување на флотата. Напротив, во периоди со силен прилив на употребувани возила, флотата знае да остарува, иако последните години има знаци на стабилизација и минимално подмладување.
Просечната старост на пвозилата е зголемена од 15,7 години во 2009 година, на 19,4 години во 2024 година.
Стареење кај патничките автомобили е најизразено и има додадено +3.7 години, што се совпаѓа со континуираниот прилив на употребувани возила во минатата деценија.
Товарните и влечните возила исто така стареат, но со помал наклон од патничките и во истиот период просечната старост е зголемена за 2,7 години, од 14,7 во 2009, на 17,4 години во 2024 година. Сепак, кај товарните трендот е поизразен од кај автобусите, кои имаат најрамна траекторија и раст од 0,7 години, од 18,1 година просечна старост во 2009, на 18,8 години просечна старост во 2024 година.
Просечната старот на автомобилите на патиштата низ земјава лани е 19,4 години, од кои над 87,9 проценти се постари од десет години, додека само 1,8 отсто биле не постари од две години.

Ова е негативен тренд, споредено со 2009 година кога просечната старост на автомобилите на патиштата низ земјава била 15,7 години. Во апсолутни бројки во 2009 година имало двојно повеќе нови коли на улиците, не постари од две години – 22 илјади, споредено со 10 илјади нови коли во 2024 година. Над 455 илјади возила на патиштата во земјава биле произведени пред 2010 година, што значи дека се под Еуро 5 еколошки стандард.
Речиси две третини од автомобилите на улиците се дизели, само еден процент хибрид или електрични
Од вкупно 684 417 регистрирани возила лани, 580 210 биле патнички автомобили. Од нив најголемиот дел или околу две третини биле дизел, 25 отсто бензин и околу еден процент хибрид или електрични.
Споредно по години дизелот е структурно доминантен во патничките автомобили и расте со повеќе од 12 проценти годишно во последните десетина години, додека бензинот постепено губи удел и има просечен годишен пад од -2,32 проценти. електричните и хибридни возила се мал сегмент, но со највисоки релативни стапки на раст во последните години, така што во 2024 споредено со 2023 година покажува особено силно зголемување.
Растот на електричните возила лани е 169 проценти, а на хибридите 295 отсто. Во 2024 биле регистрирани 1 507 електрични возила и 5 078 хибридни возила, додека во 2023 биле 561 електрично и 1 287 хибридни возила.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата