logo
logo
logo

Оваа година Скопје станува големо градилиште, ПОДЗЕМНАТА СООБРАЌАЈНИЦА Е НАЈЗНАЧАЕН ПРОЕКТ

Vecer | 11.01.2026

Оваа година Скопје станува големо градилиште, ПОДЗЕМНАТА СООБРАЌАЈНИЦА Е НАЈЗНАЧАЕН ПРОЕКТ

Оваа година ќе биде година на големи капитални инвестиции и вистинска преродба на Скопје со цел граѓаните повторно да го чувствуваат градот како свој, вели градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во интервју за МИА.

Особен акцент ќе се стави на подобрување на инфраструктурата, но и на враќање на кондицијата и целосниот капацитет на јавните претпријатија.

Еден од проектите за кој јавната набавка е во тек, е изградбата на Луна паркот. Финализирањето на градежните активности се очекува во 2027 година. Новиот Луна парк ќе означи почеток на една нова ера на семејна забава во Скопје.

– Луна паркот ќе се простира на површина од 84.000 метри квадратни и ќе понуди театар на отворено, панорамско тркало, пиратски бродови и низа други атракции што ќе создадат уникатна атмосфера, но и значително ќе го збогатат туристичкиот потенцијал и имиџот на нашиот град – вели Ѓорѓиевски.

Во тек е процесот за изградба на кружниот тек во Ѓорче Петров, се бележи значителен напредок на булеварот Љубљанска, а интензивно се работи и на клучката Момин Поток, проект кој подолг период беше закочен поради нерешени имотно-правни односи. Во периодот што следи, ќе почне реконструкција на улиците Бутелска и Радишанска, како и на други сообраќајни артерии кои се од суштинско значење за протокот и безбедноста во градот.

Преку развојните програми предвидени во Буџетот, следува и проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“, вложувања во заштита и уредување на културното наследство, како и сериозни инвестиции во јавното зеленило.

– Ова ќе биде година во која Скопје ќе стане едно големо градилиште, но и година во која ќе се постават темелите за град на кој сите ќе бидеме горди. Затоа што Скопје и скопјани заслужуваат многу повеќе – заслужуваат град што им возвраќа со квалитетен живот, сигурност и перспектива за иднината – вели градоначалникот.

Градскиот воз ќе го олесни сообраќајот

– Факт е дека Скопје беше оставено во исклучително тешка состојба од претходните раководства. Но, јас не сум човек што се жали и бара алиби. Јас сум човек што презема одговорност и работи. И така ќе продолжам – со работа, со упорност и со јасна цел пред себе. На крајот од периодот што следи, сакам скопјани да кажат дека проблемите кои со години им биле секојдневна голгота дека конечно останале зад нас. Да не зборуваме повеќе за купишта смет по улиците, затоа што тоа ќе биде минато. Да имаме јавен превоз што функционира навремено и сигурно, со засилен фокус на модернизација и подобра организација. Проектот за градскиот воз кој се реализира во соработка со Министерството за транспорт и кој е во напредна фаза, за кратко време ќе донесе сериозно олеснување во сообраќајот и ќе биде вистинска алтернатива за многу граѓани. Мојата визија е да се движиме низ Скопје без сообраќаен хаос, со подобра инфраструктура, со повеќе зелени површини и со чувство дека градот повторно живее. Ништо не ме исполнува повеќе од завршен проект и задоволни граѓани. Тоа е мојот најсилен мотив и мојата најголема награда – рече тој.

Во врска со подземната сообраќајница тој рече дека јавната набавка е во завршна фаза на правната постапка и веднаш по нејзиното комплетирање ќе почне реализација на првата фаза. Таа опфаќа изградба на подземната сообраќајница на булевар Македонија, на потегот од под Лимак до влезот на Кисела Вода.

– Станува збор за една од моите најдраги и најзначајни капитални инвестиции, затоа што директно удира во срцето на проблемот, сообраќајниот метеж во центарот на Скопје. Со овој проект ќе се постигне сериозно растоварување на централната градска зона, побрз проток на сообраќајот и значително подобар квалитет на живот за граѓаните. Во следните фази се предвидени и дополнителни крупни интервенции – изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и два кружни тека кај булеварот Кочо Рацин и улицата Железничка, со што ќе се заокружи целината и ќе се создаде функционален, модерен сообраќаен систем – рече Ѓорѓиевски.

Првата подземна сообраќајница во Скопје ќе има шест ленти, четири за двосмерен автомобилски сообраќај, две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки.

Скопје за малку ќе го изгубило статусот европски град на културата

– Морам искрено да кажам дека Скопје во еден момент имаше сериозни индикации да го изгуби статусот Европска престолнина на културата за 2028 година. Кога ја презедов функцијата градоначалник, затекнав целосно блокиран процес, управуван спротивно на законските прописи, без јасна визија, без транспарентност и со сериозни институционални слабости. Наместо изговори, решивме веднаш да се фатиме за работа. Со силен фокус, јасна одговорност и посветен тим, во изминатиот период успеавме да го деблокираме целиот процес и да го насочиме кон професионално, законско и транспарентно функционирање – рече тој.

Подготовките за Скопје 2028 значат и конкретни, видливи инфраструктурни промени. Се работи на ревитализација на Скопско Кале, Аквадуктот, археолошкиот локалитет Скупи, Македонскиот културен центар и други јавни културни простори. Паралелно, се реализира концептот на „Скопски ЕУ зелен архипелаг“ со изградба на 50 мали маалски паркови, кои ќе ја носат културата надвор од институциите – на улица, во маалата, меѓу луѓето.

– За мене, Скопје 2028 не е културен спектакл што трае една година. Тоа е процес на длабока и долгорочна трансформација. Културата ја користиме како алатка за урбан развој, европска соработка, економска и социјална динамика и создавање нова енергија во градот. Она што ќе остане по 2028 година се знаењето, меѓународните мрежи, новите модели на работа и зголемената културна самодоверба на Скопје. Преку реадаптација на културното наследство, му даваме нов живот на минатото, а преку МКЦ, јавните установи и отворањето на новиот Европски центар за култура, отвораме простор за идните генерации творци – додаде градоначалникот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk