Проектот за реконструкција, надградба и модернизација на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ ќе донесе 4.500 метри квадратни функционален простор што е за 2.500 квадратни повеќе од постојниот простор. Ова е прва реконструкција и надградба од овој обем по изградбата на овој аеродром, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, кој денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и директорот на ТАВ, Неџат Курт го означија почетокот на градежните работи.
– После добивањето на концесијата на ТАВ се прошири и се модернизираше аеродромската писта, а сега еве прв пат имаме сериозно проширување, надградување и реконструкција на аеродромот. Тоа ќе значи можност за многу повеќе патници, за патници кои што пријатно ќе се чувствуваат кога ќе слетуваат и полетуваат од охридскиот аеродром. Ќе значи многу повеќе можност за туризам, за бизнис и за поврзаност – рече Николоски.
Инвестицијата ќе се одвива во повеќе фази. Интегриран е модерен радарски систем кој веќе работи. Позитивно ќе влијае изградбата на автопатот Охрид-Кичево, кој што е дел од Kоридорот 8, и кој во овој дел е веќе завршен.
– Така што од Охрид буквално за пет минути се стасува до аеродромот, а од Струга некаде за десетина минути. Голема клучка се изгради тука. Таа што ќе значи брз пристап кон аеродромот, а тука е експанзијата на летови. Со поддршка на претседателот на Владата, Мицкоски успеавме да воведеме нова политика за привлекување нови дестинации преку една политика на субвенционирање која што беше прилагодена на новите потреби, на новото време и резултатите ги имаме во две насоки – рече Николсоки.
Тој додаде дека има 24 нови дестинации од скопскиот и од охридскиот аеродром откако е избрана оваа влада.
– За мене исто толку значајно е дека веќе почнуваат да се отворат дестинации без субвенции, што значи дека политиката нѐ носи во ситуација авиокомпаниите да отворат дестинации и без да бараат субвенција. Тоа многу зборува за развојот на авиособраќајот. Најдобар доказ за тоа е дека минатата година само скопскиот аеродром поминаа вкупно некаде над 3 милиони и 350.000 патници. Оваа година очекувам над 3,5 милиони на двата аеродрома, а веќе следната година ќе таргетираме над 4 милиони патници на двата аеродрома, што ќе значи многу за целата држава – додаде Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата