Видеото што се појави на социјалните мрежи прикажува како за време на физичката пресметка едно момче паѓа на асфалтот по удар, по што неколку лица продолжуваат да го напаѓаат и додека лежи на земја. Снимката предизвика бројни реакции во јавноста и повици за брза реакција од надлежните институции.
Според МВР, станува збор за двајца малолетници од Гостивар и 20-годишник од Скопје.
„Во полициска станица на службен разговор се повикани двајца малолетници од Гостивар, на кои, по наредба на јавен обвинител, им се одземени патните исправи. Третото лице е В.Д. (20) од Скопје, за кого е испратена телеграма до СВР Скопје за понатамошно постапување. По целосно документирање на случајот, во текот на утрешниот ден, по брза постапка, лицата со соодветен поднесок ќе бидат изведени пред надлежен судија на претходна постапка“, соопштија од МВР.
Инцидентот бил пријавен во саботата, а се случил ноќта меѓу петокот и саботата, околу 2:30 часот, на улицата „Борче Јованоски“ во Гостивар.
Според пријавата, 22-годишен жител на Гостивар пријавил дека тој и негов пријател биле физички нападнати од три непознати лица, кои употребиле тврди и дрвени предмети.
Од МВР информираат дека веднаш бил известен дежурен јавен обвинител и дека, по негови насоки и во координација со надлежното обвинителство, полициските службеници од ОВР Гостивар презеле мерки и активности со кои ги идентификувале осомничените.
Видеото од инцидентот претходно се прошири на социјалните мрежи и предизвика силни реакции во јавноста.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата