- Владата постигна договор со репрезентативните синдикати од областа на администрацијата за зголемување и усогласување на платите, со важност до 2028 година, со што ќе бидат опфатени околу 11.000 вработени во државната администрација, судовите и обвинителствата. Ова денеска го соопшти претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, по средбата со претставниците на синдикатите УПОЗ и САДУ.
Премиерот истакна дека станува збор за поширок пакет мерки со кои Владата, како најголем работодавач во државата, воспоставува долгорочен договор со своите вработени, слично на претходно склучените договори во образованието и здравството.
„Ова е историски момент, бидејќи за првпат имаме јасен и долгорочен план за зголемување и усогласување на платите, со цел да се достигне достоинствено ниво“, изјави Мицкоски, нагласувајќи дека договорот се постигнува во услови на сериозни глобални и внатрешни економски предизвици, но со одговорно и домаќинско управување со државната каса.
Тој најави дека постигнатиот договор ќе се операционализира преку индивидуални договори, а воедно повтори дека општиот колективен договор е истечен. Владата, како што рече, е подготвена во наредниот период, заедно со репрезентативните синдикати ССМ и КСС, да започне преговори за нов општ колективен договор кој ќе биде единствена основа за исплата на платите.
„Целта е да имаме вин-вин решение – и за работниците и за Владата, а најмногу за граѓаните и државата“, истакна премиерот, додавајќи дека со дел од синдикалните структури постои градење на доверба, иако, како што рече, има и структури кои сè уште се под политичко влијание.
Мицкоски изрази задоволство од постигнатиот договор и им се заблагодари на претседателите на синдикатите, на гранковите синдикати, како и на УПОЗ и САДУ за конструктивниот дијалог кој резултираше со заедничко решение.
Претседателот на УПОЗ, Трпе Деановски, пред средбата со премиерот Христијан Мицкоски во Владата изјави дека по скоро две години, вработените во управата и правосудството успеале да го добијат тоа што го барале и за кое преговарале скоро две години.
-Ова барање УПОЗ го има истакнато пред повеќе од година и половина, скоро две години преговараме со Владата за ова, протестиравме, се прекинуваа договори еднострано за конечно повторно да седнеме на маса. Успеваме да го добиеме ова што го бараме со малку пониски проценти, но во вкупната слика ќе излезе дека ќе земаме повеќе од 30 проценти. Од синдикалните организации што се изјаснија, 95 проценти рекоа да, да се потпишат овие индивидуални колективни договори, со што конечно ќе се затвори една проблематика за вработените во управата и правосудството. Ќе има начин на покачување плата онака како што се кажуваше во јавноста – ние баравме 30 проценти, а ќе земаме повеќе од 40 отсто што мислам дека е ок – изјави Деановски.
Тој напомена дека УПОЗ не е потписник на колективен договор, а во врска со членот за коефициентите, рече дека нема да има никакво бришење.
- Од колективен договор може да се откаже само тој што го потпишува, но и што и да се потпише Општиот колективен договор останува на сила. Секој што мисли дека има поповолно право од тој Општ колективен договор, може да си покренува тужби во граѓанските судови. Треба да се знае дека со потпишување на овие колективни договори има поповолно право за платите на вработените во управата и правосудството. Годинава порасна просечната плата за 9 отсто, а ние сега, со овие колективни договори, ќе земеме 13 – 15 отсто зголемување – изјави Деановски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата