logo
logo
logo

Владин авион денес ги носи македонските граѓани од Израел во Скопје

Vecer | 05.03.2026

Владин авион денес ги носи македонските граѓани од Израел во Скопје

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, заклучно со денес, во рамки на процесот на евакуација, во Амбасадата на Македонија во Абу Даби се евидентирани 505 македонски државјани, од кои 458 престојуваат во Обединетите Арапски Емирати. Дополнително, 31 лице се пријавени од Кувајт, а 14 лица од Бахреин. Во Доха, заклучно со денес, се евидентирани 141 македонски државјанин.

Лицата кои изразија подготвеност за евакуација од Израел се очекува во попладневните часови со владиниот авион да полетаат кон Скопје. Со тоа целосно ќе се заокружи процесот на враќање на сите граѓани кои побараа извлекување од Израел. Во следните денови се очекува да започне реализацијата на враќањето на македонските државјани од Обединетите Арапски Емирати, како и на граѓаните кои се наоѓаат во Катар, Бахреин и Кувајт, за кои е предвидено враќање со организирани летови преку Кралството Саудиска Арабија, информираат од МНР.

Процесот на евакуација се реализира согласно веќе разработен план, во согласност со безбедносните услови и во координација со надлежните институции.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија уште еднаш ги повикува сите македонски државјани кои сè уште не стапиле во контакт со надлежните дипломатско-конзуларни претставништва, а имаат потреба од асистенција, да го сторат тоа во најкраток можен рок преку дежурните телефонски броеви во дипломатско-конзуларните претставништва или преку СОС-бројот на МНРиНТ.

Министерството останува во постојана комуникација и целосно на располагање на граѓаните, со приоритетна цел – нивно безбедно и навремено враќање.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk