logo
logo
logo

МАКЕДОНИЈА СÈ ПОПРИВЛЕЧНА - Аеродромите во врвот на Европа според растот на бројот на патници

Vecer | 08.06.2026

МАКЕДОНИЈА СÈ ПОПРИВЛЕЧНА - Аеродромите во врвот на Европа според растот на бројот на патници

Во првите пет месеци од 2026 година, низ двата македонски аеродроми поминале вкупно 1,58 милиони патници, што претставува раст од 31,2 отсто во споредба со истиот период минатата година. Истовремено, бројот на реализирани летови е зголемен за 9,5 отсто и достигнал 10.595 операции.

Според податоците на „ACI Europe“ за април 2026 година, Северна Македонија остварила раст на патничкиот промет од 30,6 отсто, со што се најде на самиот врв меѓу европските пазари надвор од Европската Унија. Зад неа следуваат Албанија со раст од 25,3 отсто и Молдавија со 24,6 отсто.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакна дека ваквите резултати ја потврдуваат растечката побарувачка за воздушен сообраќај и сè поголемата атрактивност на земјата како туристичка и деловна дестинација, пренесува Авио Портал.

„Двоцифрениот раст на патничкиот промет од над 31 отсто во првите пет месеци од годинава ги позиционира македонските аеродроми меѓу најуспешните во Европа. Овој резултат е последица на континуираните инвестиции во инфраструктурата, унапредувањето на услугите, маркетиншките активности, успешната соработка со авиокомпаниите и поддршката од Владата“, порача Курт.

Од „ACI Europe“ наведуваат дека април 2026 година претставува пресвртница за европскиот авиосообраќај, бидејќи за првпат по постпандемиското закрепнување е забележан пад на патничкиот промет на ниво на ЕУ и земјите надвор од ЕУ. Наспроти тоа, одредени пазари, како Северна Македонија, продолжија да остваруваат моќен раст.

Меѓу најголемите европски пазари, најдобар резултат забележаа аеродромите во Шпанија (+3,7%) и Италија (+2,2%), додека Германија (-8,5%), Обединетото Кралство (-2,1%) и Франција (-0,9%) остварија пад на патничкиот промет.

Од „ACI Europe“ заклучуваат дека силниот раст на македонските аеродроми дополнително ја зацврстува позицијата на земјата на европската воздухопловна мапа и го потврдува позитивниот тренд на развој на националниот авиосектор.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk