Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека не може да даде одговор на прашањето каде во моментов се наоѓа сопственикот на дискотеката во која изби пожарот ниту дали локалот имал лиценца за употреба на пиротехника.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информира дека во врска со несреќата во Кочани е распишана централна потерница за четири лица.
Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција пред полициската станица во Кочани, министерот не откри дали лицата по кои се трага се менаџери и сопственици на дискотеката во која се случи трагедијата.
Рече дека во овој момент не може да открие за кои лица станува збор.
„Не можам во оваа фаза да кажам“, рече Тошковски.
Министерот не одговори ниту на прашањето колку лица се приведени и дали бројката на приведени е голема.
„Не би можел да го кажам ни тоа, за жал“, додаде тој.
Тошковски рече дека не може да даде одговор ниту на прашањето каде во моментов се наоѓа сопственикот на дискотеката во која изби пожарот ниту дали локалот имал лиценца за употреба на пиротехника.
Министерот беше резервиран во одговорите на новинарските прашања, велејќи дека не би сакал на тој начин да се загрози какво било дејство во текот на истрагата, а сите информации кои на некој начин се поврзани со истрагата, како што рече, ќе бидат споделени со јавноста.
Додаде дека се работи интензивно со сите сили на располагање, а оти МВР, Обвинителството и повеќе инспекциски служби кои во текот на денот ќе извршат контроли.
„Вклучени се буквално сите кои имаат каква било врска во процес на контрола, конкретни процесни дејствија кои можеме да ги пренесеме. Се анализира буквално се што може да биде поврзано со овој ужаден настан – како во делот на градежно-техничка документација, така и на потребните предуслови за ставање во функција на таков објект, како во делот на соодветни лиценци кои би требало да ги поседува истиот, како во делот на конкретно постапување за врме на настанот, обезбедување на истиот итн.“, рече Тошковски.
Министерот информира дека МВР во координација со Јавното обвинителство постапува и во Министерството за економија, од каде што се обебзедува документација во врска со дискотеката и лицата поврзани со неа.
Тој соопшти дека бројот на загинати во трагедијата, до 11:30 часот денеска, изнесува 59 лица, од кои 35 се идентификувани. Хоспитализирани со повреди се 155 лица, објави Тошковски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата