Македонија ќе го добие првиот центар за вештачка интелигенција „Везилка“, кој ќе биде промовиран идната недела, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Центарот ќе има клучна улога во развојот на македонски јазичен модел и во создавањето домашна дигитална база која ќе овозможи македонскиот јазик, култура и идентитет да бидат соодветно застапени во современите технологии.
- „Везилка“ е проект насочен кон дигитализација на македонскиот јазичен корпус и развој на голем јазичен модел што ќе може да го користат институциите, академската заедница, компаниите и граѓаните. Целта е да се намали зависноста од странски алатки, кои често не го препознаваат доволно прецизно македонскиот контекст - појасни Андоновски во гостувањето во „Топ Тема“ на ТВ Телма.
Според него, преку овој проект се поставуваат темелите за создавање домашни решенија засновани на вештачка интелигенција, кои ќе се користат во јавниот интерес, образованието, науката, економијата и дигиталната трансформација на државата.
Носител на проектот е ФИНКИ, кој веќе воспоставил соработка со повеќе релевантни институции, меѓу кои Службен весник, Собранието, Националната и универзитетска библиотека, МАНУ, како и институтите за македонски јазик и литература. Со оваа соработка ќе се обезбеди квалитетна база на податоци, вклучително законски и подзаконски акти, стручна литература и други содржини на македонски јазик.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата