Министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ престојуваше во работна посета на Општина Кочани, каде што со градоначалникот Владко Грозданов разговараа за реализацијата на инфраструктурните проекти, регионалниот развој, прекуграничната соработка и идните инвестиции.
На средбата беше направен детален преглед на текот на најзначајните капитални проекти во општината. Градоначалникот Грозданов го запозна министерот со напредокот на изградбата на источниот булевар „Тодосија Паунов“, кој се одвива според предвидената динамика. Веќе утре се очекува поставување на првиот слој асфалт на делницата од кружниот тек кај „Лукоил“ до бензинската станица „Макпетрол“. Атмосферската канализација на оваа траса е целосно поставена, а во следната фаза ќе продолжи поставувањето на дополнителната мрежа од левата страна на коловозот.
Градоначалникот и министерот разговараа и за инвестициите за енергетска ефикасност на јавните објекти, реконструкцијата на мостот на Кочанска Река, изградбата на потисниот цевковод и подготовките за реализација на јужниот булевар.
Грозданов го информираше Стоилковиќ и за активностите поврзани со изградбата на Домот за стари лица, каде што по извршените технички корекции во проектната документација, наскоро се очекува да започне реализацијата, како и за проектот за повеќенаменско спортско игралиште кај браната Гратче, кој ќе се реализира преку програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија.
Министерот Стоилковиќ нагласи дека Владата во изминатиот период обезбедила околу 4,65 милиони евра за реализација на три капитални проекти во Кочани преку двата јавни повика за поддршка на општините. Тој оцени дека Општина Кочани успешно ги користи можностите што ги нудат државните и регионалните програми.
Стоилковиќ истакна дека Министерството за локална самоуправа ќе продолжи активно да ја поддржува Општина Кочани, особено во подготовката на нови проекти за претстојниот повик за прекугранична соработка со Република Бугарија, како и во креирањето на квалитетни проектни апликации за следните владини инвестиции.
Тој посочи дека предизвик за сите општини останува побрзата реализација на капиталните проекти, што најчесто зависи од постапките за јавни набавки, квалитетот на проектната документација и работата на изведувачите. Затоа, како што рече, неопходна е уште поинтензивна координација меѓу локалната и централната власт.
Во рамките на посетата, министерот Стоилковиќ оствари средба и со дел од младите повредени во трагичниот пожар во Кочани. По разговорот со нив, тој најави дека ќе се заложи, во соработка со надлежните институции, да се обезбедат дополнителни можности за нивно лекување и реконструктивни интервенции во специјализирани здравствени установи во Белград, со цел да им се помогне во понатамошното закрепнување.
Денешната посета на министерот Стоилковиќ на Кочани е дел од теренските активности на Министерството за локална самоуправа кои се реализираат под мотото „Каде што срцето е дома“, со цел преку директни средби, размена на искуства и предлози да се идентификуваат предизвиците со кои се соочуваат општините и заеднички да се најдат решенија за нивно надминување.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата