Независноста на судството, довербата на граѓаните и потребата од подобра комуникација меѓу судиите и јавноста се во фокусот на XVI Годишна конференција на претседатели на врховни судови од Централна и Источна Европа, што се одржува денеска и утре во Скопје. На денешното отворање на конференцијата учесниците нагласија дека без силна јавна поддршка, судската независност и демократските институции се доведени во ризик, а размената на искуства и добрите практики се неопходни за справување со заедничките предизвици.
Конференцијата, чиј домаќин е Врховниот суд на Македонија, ги обедини највисоките претставници на 13 врховни судови, како и судии од САД и експерти од меѓународни организации.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во своето обраќање потенцира дека состојбата во судството најчесто се оценува преку улогата и функционирањето на Врховниот суд.
– Највисоката судска инстанца кога е независна ужива најголема јавна доверба и тоа е доказ за владеење на правото. Преку статусот и работата на Врховниот суд многу често се цени состојбата во целокупното судство. Секој обид за политизација на Врховниот суд е ризик не само за судската независност туку и за демократскиот поредок – истакна Сиљановска Давкова.
Таа додаде дека улогата на врховните судови е клучна и за стабилноста на демократијата.
– Затоа кога врховните судови успешно ја извршуваат својата улога на единствена примена на законите, тогаш и довербата во судството расте. Одлуките на судовите имаат силно влијание и врз работата на пониските судови, но и врз цврстината на демократијата – нагласи претседателката.
Претседателот на Врховниот суд, Африм Фидани, оцени дека денешната регионална конференција преставува значаен настан не само за институцијата, туку и за државата.
Во врска со довербата во правосудството, тој нагласи дека таа не е на посакуваното ниво, но дека треба континуирана работа за нејзино враќање.
– Искрено, односно реално, објективно и самокритично, довербата на граѓаните во правосудството не е на посакуваното ниво. Но, ние треба континуирано да работиме на тоа – преку ефикасни постапки, доследна примена на законите и ажурно постапување, за да ја подобриме и вратиме довербата. Довербата не се гради преку ноќ, се гради долго, но може брзо да се изгуби – истакна Фидани.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, потенцира дека предизвикот е да се обезбеди баланс меѓу независноста и одговорноста.
– Во правосудството нема совршени системи, не постојат такви, но затоа постојат добри практики, научени лекции кои можат да нè направат подобри. Нашата задача е да создадеме услови во кои судиите ќе можат да одлучуваат слободно, но истовремено со високо чувство на одговорност кон граѓаните и јавниот интерес – рече Камбовски.
Тој додаде дека независноста на судството е суштинско право на граѓаните.
– Независноста на судството не е привилегија на судиите, таа е право на граѓаните. Во време на брзи промени останува непроменлив легитимитетот на судската власт, кој не произлегува само од уставните надлежности туку, пред сè, од довербата што граѓаните ја имаат во нејзината стручност и независност. Токму затоа наша обврска е да ја чуваме – нагласи Камбовски.
Меѓународните учесници, исто така, укажаа на важноста од вакви средби. Федералниот судија од САД, Дејвид Кемпбел, посочи дека конференцијата овозможува размена на искуства за справување со заедничките предизвици.
– Оваа конференција постои веќе 16 години. Целта на конференцијата е судиите да се соберат, да разменуваат искуства, да учат едни од други и да станат подобри судии. Има многу што можеме да научиме од искуствата на други. Се соочуваме со многу слични предизвици ширум светот – рече Кемпбел.
Директорот на CEELI Институтот, Роберт Странг, ја истакна потребата од нов пристап во комуникацијата на судиите со јавноста.
– Мислам дека едно од клучните прашања, кое е поврзано и со новинарите, е начинот на кој судиите комуницираат. Денес тоа изгледа целосно нереално и застарено судиите да зборуваат само преку своите пишани одлуки. Сега прашањето е како да комуницираат со јавноста и да објаснат зошто правдата е важна – рече Странг.
Тој предупреди дека јавната поддршка е суштинска за опстанокот на институциите.
– Без поддршка од јавноста, со текот на времето, судската независност и демократските институции навистина се нарушуваат – нагласи Странг.
Гжегож Борковски од ЕУ проектот за владеење на правото кратко порача:
– Зборувате во име на судството, затоа вашата позиција е уникатна и треба да биде заштитена.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата