Ескалацијата на конфликтите меѓу Иран и Израел предизвикува континуирано покачување на светските цени на нафтата и природниот гас. По минатонеделниот нагол скок, трендот на раст продолжи и вчера, а цената на нафтата моментално се движи меѓу 74 и 75 долари за барел – многу блиску до највисокото ниво од минатата година. За само четири дена, природниот гас поскапе повеќе од 20 проценти.
Регулаторната комисија внимателно ја следи ситуацијата на меѓународните берзи и случувањата на Блискиот Исток, не исклучувајќи можност за корекции во цените на енергенсите. Претседателот на Комисијата, Марко Бислимовски, истакнува дека глобалните тензии имаат директно влијание врз нивните одлуки, но изрази надеж дека нема да дојде до драстични поскапувања во наредниот период.
„Во последните пет месеци се соочуваме со највисока цена на суровата нафта на глобалните берзи. Ова се рефлектира и врз цената на нафтените деривати што ги користиме за пресметка на бензините и дизелот во Македонија. Има влијание врз крајните цени и врз политиките на Регулаторната комисија. Во исто време, доживеавме и благо пад на доларот во однос на денарот, што делумно ја ублажува ситуацијата со високите цени на дериватите. Не очекувам екстремни поскапувања,“
Нападите врз гасните извори во Иран дополнително го зголемија притисокот, така што во последните денови природниот гас на берзите достигна цена од 40 евра за мегават-час, во споредба со 32 евра минатата недела – пораст од над 20 проценти за кусо време.
„Тоа ме загрижува уште повеќе. Сега струјата на европските берзи секогаш ја следи динамиката на цената на гасот. Сведоци сме на раст на фјучерсите за електрична енергија и за третото и четвртото тримесечје од годинава, како и за наредната,“
Сепак, Регулаторната комисија е категорична дека цената на струјата за домаќинствата ќе остане непроменета до крајот на годината. Универзалниот снабдувач ги има обезбедено потребните количини по цена од 62 евра за мегават-час, како и покривање на загубите.
Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, потенцира дека надлежните институции внимателно ја следат ситуацијата, одржуваат состаноци и се подготвени да реагираат доколку дојде до натамошна ескалација.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата