Да се биде членка на Советот на Европа не значи само да се биде дел од клубот, тоа значи и обврзување кон Европската конвенција за човекови права, како и прифаќање на обврската да се спроведат сите пресуди на Европскиот суд за човекови права. Тоа е обврска што важи и за Македонија и за Бугарија, и за сите 46 земји-членки. Во контекст на пресудите за македонското малцинство во Бугарија тоа значи дека мора да биде возможно одредена организација да се регистрира. Тоа е суштината. И од моментот кога ќе биде возможно да се постигне овој резултат во добри услови, мислам дека Комитетот на министри ќе може да го смета чекорот за спроведен.
Ова го истакнува Ален Берсе, генералниот секретар на Советот на Европа. Берсе, кој изминатите два дена престојуваше во официјална посета на земјава, на новинарско прашање во однос на 14 пресуди на ЕСЧП донесени во последните две децении дека Бугарија го прекршила членот 11 од Европската конвенција за човекови права (слобода на здружување), изјави дека работат на нивното спроведување, дека многу скоро очекуваат позитивни резултати и дека ова прашање ќе биде на агендата на следниот состанок на Комитетот на министри.

– Одлуките на судот се јасни и тие мора да бидат спроведени. Знаете, да се биде членка на Советот на Европа не значи само да се биде дел од клубот, тоа значи и обврзување кон Европската конвенција за човекови права, како и прифаќање на обврската да се спроведат сите пресуди на Европскиот суд за човекови права. Тоа е обврска што земјите-членки ја преземаат кога пристапуваат во Советот на Европа, тоа важи и за Македонија и за Бугарија, и за сите 46 земји-членки. Имајќи го предвид ова, ние имаме судско ниво – судот кој донесува одлуки – а потоа имаме и политичко ниво, или Комитетот на министри, групата на земји-членки која го придружува спроведувањето на пресудите во сите земји-членки. Тоа е вториот елемент што сакав да го споменам. Сега веќе не сме кај првиот елемент, веќе ги имаме одлуките на судот, сега сме во фаза на нивно спроведување, кое е придружено од страна на Комитетот на министри, вели Берсе.
Третата поента, подвлекува тој, е дека во различни земји, всушност во многу земји, за одредени одлуки постојат некои сложени прашања или одредени доцнења во спроведувањето на одлуките.
– И тоа секогаш е загрижувачки за нас, бидејќи не е можно да прифатиме дека тие нема да бидат спроведени. Затоа тесно соработуваме со засегнатите земји за одлуките да бидат спроведени. Во последните месеци постигнавме одреден напредок во дискусијата за спроведувањето на одлуките со Бугарија. И ова прашање редовно се дискутира од Комитетот на министри. Но кој вели: „Во ред, ова е направено, ви благодариме за спроведувањето на одлуката“? Ова е улогата на Комитетот на министри. Не се толку далеку, продолжуваат да работат на ова и се надевам дека ќе имаме позитивен напредок. Што значи тоа? Тоа значи дека одлуките на судот мора да бидат спроведени. Конкретно, во случаите што ги споменавте, тоа значи дека мора да биде возможно одредена организација да се регистрира. Тоа е суштината. И од моментот кога ќе биде возможно да се постигне овој резултат во добри услови, мислам дека Комитетот на министри ќе може да го смета чекорот за спроведен, дециден е генералниот секретар на СЕ.
Тој појаснува дека улогата на Секретаријатот што тој го води е повеќе да помогне со доставувањето на одредени елементи и документи, за да му се помогне на Комитетот на министри да ги има сите информации за оваа одлука.
– Вчера реков дека ова е процес, не е црно или бело, не значи дека еден ден само ќе направите нешто и сè ќе биде готово. Прилично е сложено, и навистина мора да биде спроведено, но ова е процес за кој е потребно малку време доколку сакаме да имаме стабилно и квалитетно спроведена пресуда. Но, мојот впечаток, она што го чувствувам, е дека има напредок, нагласува Берсе во видео интервјуто.
Берсе, кој престојуваше во прва официјална посета на земјава, најавува дека ќе следат и други посети во контекст на подготовките за шестмесечното претседавањето со Комитетот на министри на СЕ што Македонија треба да го преземе во ноември, следната година. Зборува и за состојбата со демократијата и човековите права во Евопа денес, за предизвиците што ги носи примената на ВИ, за ефикасноста на ЕСЧП, за барањата за модификација на Европската конвенција за човекови права, како и за Новиот демократски пакт за Европа – програма чија цел е нашите општества да станат отпорни и да се прилагодуваат на новите состојби кога е во прашање заштитата и унапредувањето на демократијата.
Како ја оценувате состојбата со демократијата и човековите права во Европа денес и кои се клучни предизвици?
– Постои голем притисок врз демократијата насекаде поради технолошките промени, социјалните медиуми, вештачка интелигенција, и е сè потешко да се направи разлика помеѓу информација и дезинформација. Значи дека треба да работиме на ова, и Советот на Европа го прави тоа преку конвенцијата за борба против дезинформации и странско мешање што ја подготвуваме во рамките на Новиот демократски пакт за Европа што сакаме да го спроведеме. Тоа е заедничкиот одговор за овие закани.

Какво е влијанаието на СЕ во однос на промоцијата и заштитата на демократијата, човековите права и владеењето на правото?
– Имаме силно влијание. Прво, организацијата ја сочинуваат 46 земји-членки а Северна Македонија е членка повеќе од 30 години и тоа е долга историја. Оваа организација е посветена на унапредување на демократијата, човековите права и владеењето на правото. Што значи тоа конкретно? Значи дека кога тие принципи се под притисок или напад, ние треба да одговориме заедно. Тоа се однесува на притисок врз демократијата, отчетноста, владеење на правото, она што во моментов се случува во Украина и агресијата на Русија. Не е можно едноставно да се прифати неказнивост, бруталност и војна. Ние сакаме дијалог, мирни односи и отчетност. Градиме рамка на отчетност во Украина. Исто така го имаме и она што го нарекувам заеднички правна област преку Европскиот суд за човекови права и Европската конвенција за човекови права. И сево ова претставува заеднички одговор на денешните предизвиците со кои сите ние се соочуваме. Знаете, 46 земји-членки, европскиот континент е многу разновиден, но не е фрагментиран. Разновидноста е позитивна, а фрагментацијата е негативна. Работиме заедно во борбата против таа фрагментација со цел да се создаде таа заедничка правна област.

Една од вашите главни заложби како генерален секретар на организацијата е Новиот демократски пакт за Европа. Кои се очекувањата од него?
– Секогаш треба да ја гледаме демократијата како одличен систем бидејќи е единствениот што му дозволува на населението да одлучи како сака да биде водено. Но, истовремено, демократијата може да биде кршлива. Тоа е така бидејќи со социјалните медиуми, дезинформациите, ВИ, можат да се манипулираат информации и мислења. И сметам дека Новиот демократски пакт за Европа е програма што сакаме да ја развиеме заедно, со цел нашите општества да станат отпорни и да се прилагодуваат на новите состојби. Што значи ова? Важно е да се учи што претставува демократијата во училиште, во семејството, во рамките на општеството. Важно е да се заштити демократијата и тоа е целта што ја следиме преку конвенцијата за борба против дезинформации и странско мешање. Истовремено, треба да иновираме и да изнаоѓаме нови начини за унапредување на демократијата. Ова учење, заштита и иновации се суштината на Новиот демократски пакт за Европа. Тоа е проект што го развиваме со сите земји-членки, учиме едни од други, учиме од различни пракси и се обидуваме да развиеме контекст каде демократијата и демократските вредности се шират во свет што е многу покомплициран во споредба со оној пред 20 години.
Нашата држава (вчера) ја потпиша Конвенцијата за Вештачката интелигенција и човековите права. Колку е важно прашањето за регулација на примената на ВИ во однос на човековите права?
– Многу важно. Доколку го погледнеме ширењето на ВИ во денешно време, нејзиното користење и злоупотреба во создавање дезинформации, на пример, тоа претставува закана за демократските вредности. Фактот дека Македонија денес се приклучува на оваа рамковна конвенција на СЕ е многу силен сигнал. Потпишувањето на конвенцијата заедно со министерот (за правда Игор Филков) претставуваше многу значаен момент. И сега се работи за нејзиното спроведување и понатамошен развој. Сметам дека овој чекор што го направи Северна Македонија претставува силна посветеност во развојот на ВИ што не оди против демократијата, владеењето на правото и човековите права, туку е интегрирана во процесите, со цел да се направи нешто позитивно. Постојат многу позитивни елементи што произлегуваат од ВИ, како на пример разоткривање на дезинформации и погрешни информации. Тоа е многу важно и може да ги искористиме овие алатки за позитивна поддршка на демократијата.

Советот на Европа усвои извештај за нас, со кој беше затворен пост-мониторинг дијалогот. Што значи тоа за земјава?
– Тоа беше одлука на Парламентарното собрание на СЕ и претставува многу добар елемент. Тоа е нормален чекор после сите овие години, како што веќе кажав, Македонија е членка на СЕ повеќе од 30 години. Заедно поминавме низ многу позитивен развој. Доколку видиме каде беше континентот, регионот и Западен Балкан пред 20-30 години, ситуацијата тогаш беше многу поразлична. Во меѓувреме е направен огромен напредок. Тоа е позитивен чекор и ќе продолжиме да работиме заедно со сите земји-членки, со телата за мониторинг што го следат спроведувањето на конвенциите, тоа е нормално. Со ГРЕКО работиме на борбата против корупција, а тука се и другите тела како Комитетот за превенција на тортурата, кој ги посетува затворите низ целиот континент, вклучително и овде во Македонија. Тоа е погледот однадвор во однос на тоа што се случува со сите препораки и дискусии, со цел да се има напредок по тие прашања што се силно поврзани со човековите права. Оваа работа нема никогаш да запре. Тоа се одвива во сите земји-членки, преку посети и размени, и тоа е дел од активната работа во унапредување на човековите права, владеење на правото и демократијата. Тоа е процес што никогаш не завршува и ќе продолжи и овде како што е случај и со другите земји.
Во контекст на правата на македонското малцинство во Бугарија, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во последните две децении има донесено 14 пресуди дека Бугарија го прекршила членот 11 од Европската конвенција за човекови права (слобода на здружување), но ниту една не е спроведена од Бугарија. На вчерашната прес – конференција со вашиот домаќин, министерот Муцунски, изјавивте дека работите на нивното спроведување дека многу скоро очекувате позитивни резултати и дека ова прашање ќе биде на агендата на следниот состанок на Комитетот на министри. Може ли да појасните што значат овие позитивни резултати?
– Одлуките на судот се јасни и тие мора да бидат спроведени. Знаете да се биде членка на Советот на Европа не значи само да се биде дел од клубот, тоа значи и обврзување кон Европската конвенција за човекови права, како и прифаќање на обврската да се спроведат сите пресуди на Европскиот суд за човекови права. Тоа е обврска што земјите-членки ја преземаат кога пристапуваат во Советот на Европа, тоа важи и за Северна Македонија и за Бугарија, и за сите 46 земји-членки.
Имајќи го предвид ова, ние имаме судско ниво – судот кој донесува одлуки – а потоа имаме и политичко ниво, или Комитетот на министри, групата на земји-членки која го придружува спроведувањето на пресудите во сите земји-членки. Тоа е вториот елемент што сакав да го споменам. Сега веќе не сме кај првиот елемент, веќе ги имаме одлуките на судот, сега сме во фаза на нивно спроведување, кое е придружено од страна на Комитетот на министри.
Третата поента е дека во различни земји, всушност во многу земји, за одредени одлуки постојат некои сложени прашања или одредени доцнења во спроведувањето на одлуките. И тоа секогаш е загрижувачки за нас, бидејќи не е можно да прифатиме дека тие нема да бидат спроведени. Затоа тесно соработуваме со засегнатите земји за одлуките да бидат спроведени. Во последните месеци постигнавме одреден напредок во дискусијата за спроведувањето на одлуките со Бугарија. И ова прашање редовно се дискутира од Комитетот на министри.

Но, кој вели: „Во ред, ова е направено, ви благодариме за спроведувањето на одлуката“? Ова е улогата на Комитетот на министри. Не се толку далеку, продолжуваат да работат на ова и се надевам дека ќе имаме позитивен напредок. Што значи тоа? Тоа значи дека одлуките на судот мора да бидат спроведени. Конкретно, во случаите што ги споменавте, тоа значи дека мора да биде возможно одредена организација да се регистрира. Тоа е суштината. И од моментот кога ќе биде возможно да се постигне овој резултат во добри услови, мислам дека Комитетот на министри ќе може да го смета чекорот за спроведен.
Улогата на Секретаријатот што јас го водам е повеќе да помогне со доставувањето на одредени елементи и документи, за да му се помогне на Комитетот на министри да ги има сите информации за оваа одлука. Вчера реков дека ова е процес, не е црно или бело, не значи дека еден ден само ќе направите нешто и сè ќе биде готово. Прилично е сложено, и навистина мора да биде спроведено, но ова е процес за кој е потребно малку време доколку сакаме да имаме стабилно и квалитетно спроведена пресуда. Но, мојот впечаток, она што го чувствувам, е дека има напредок.
Колку навистина е ефикасна работата на Европскиот суд за човекови права?
– Работата на судот е исклучително ефикасна. И никогаш не треба да го потценуваме она што е постигнато до сега. Тоа што Македонија е членка на Советот на Европа не значи дека е само членка на некој клуб. Со тоа што е членка на Советот на Европа, таа учествува во огромна заедничка правна област создадена околу Европската конвенција за човекови права. Бидејќи многу права кои се оформија и за кои се одлучуваше во текот на повеќе од 60 години, ја создадоа оваа заедничка правна област.

Можам да ви дадам еден пример. Поради една одлука на судот во седумдесеттите години за случај во Обединетото Кралство, судот одлучи, за првпат на континентот, дека поединците имаат право на приватност. Замислете, пред овој случај, не постоеше право на приватност. А сега, благодарение на судската пракса на Европскиот суд за човекови права, го имаме правото на приватност во сите земји-членки на Советот на Европа на исто ниво. И тоа прави огромна разлика за луѓето. Северна Македонија, кога се приклучи пред 31 година, стана и е дел од оваа заедничка област.
Друг пример е правото на пристап до суд кога имате проблем. Тоа не беше нешто очигледно пред одлуката на Европскиот суд за човекови права. И ова создава заедничка правна област за навистина важни права на луѓето. Што значи тоа? Тоа значи дека влијанието на судот и влијанието на Советот на Европа по ова прашање е огромно. Што значи тоа? Тоа значи дека сите 46 земји-членки се рамноправни во оваа заедничка правна област. Тоа значи дека Северна Македонија е на исто ниво како Франција. Тоа значи дека Србија е на исто ниво како Шпанија. Тоа значи дека Украина е на исто ниво како Швајцарија или Германија. Ова е многу важно и е навистина потценето. И ви благодарам за прашањето, бидејќи ми даде прилика да ја истакнам важноста на оваа ситуација за сите народи, за вас, за мене, за сите луѓе што живеат во Северна Македонија.
Прашање кое го поставуваат во последно време некои земји членки на Советот на Европа е барањето за промени или поточно адаптација на Европската конвенција за човекови права.

– Веројатно мислите на прашањето за миграција. Тоа беше дискусија иницирана од некои земји-членки. Знаете, прашањето не е да се менува Конвенцијата, бидејќи Конвенцијата не ја споменува миграцијата – не е тоа поентата. Поентата е како ние, во поширокото европско семејство, можеме да ги дискутираме во Советот на Европа политичките прашања со кои се соочуваме. И јас одлучив да ја поттикнам оваа дискусија на политичко ниво, во Комитетот на министри.
Следната недела во Кишињев, Молдавија, ќе имаме многу важен состанок на сите земји-членки. Тоа е министерска конференција на Советот на Европа на која на политичко ниво ќе усвоиме декларација за миграција. Сметам дека тоа беше вистинскиот начин да одговориме на овој проблем на политичко ниво, без да се поткопа независноста на судството. Ние работиме на независноста на судството во сите земји, инсистираме на тоа. Не би било исправно да се обидеме да го поткопаме ова на ниво на Советот на Европа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата