Важноста на поддршката од Европската Унија во јакнењето на институционалните капацитети и унапредувањето на безбедносниот систем беа во фокусот на денешната средба меѓу министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас.
- На средбата беа потврдени одличната соработка и континуираната поддршка што Европската Унија ја обезбедува за Министерството за внатрешни работи во процесот на спроведување на реформите и унапредување на институционалните капацитети - стои во соопштението од МВР.
Министерот Тошковски изразил благодарност за досегашната поддршка од Европската Унија, особено во делот на исполнување на критериумите поврзани со европската интеграција на државата преку реализација на проекти во рамките на ИПА-инструментот за претпристапна помош, како и активностите предвидени со реформската агенда.
- На средбата беше истакнато дека партнерството помеѓу Македонија и Европската Унија има значајна улога во јакнењето на безбедносниот систем, модернизацијата на институциите и подобрувањето на ефикасноста во справувањето со современите безбедносни предизвици - дополнуваат од МВР.
Соговорниците разговарале и за тековните активности во рамките на програмите за прекугранична соработка, како и за приоритетните области од заеднички интерес, со акцент на натамошно продлабочување на партнерската соработка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата