Премиерот Христијан Мицкоски денеска го коментираше ставот на Македонија во однос на апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на САД.
Тој истакна дека Владата апсолутно стои до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер и предупреди дека критиките од европските земји треба да се гледаат во контекст на нивната тишина во минатото кога меѓународното право се кршеше на грбот на Македонија.
– Таквиот коментар би им го оставил на експертите по меѓународно право. И како тогаш сите тие се оглувеа и никој не го коментираше сето тоа, а сега одеднаш сите имаат мнение. Јас тоа би им го оставил на експертите. Но еднаш кога во животот ќе направите исклучок, тој потоа станува пракса и е прашање на време кога ќе се удри од вашиот грб – рече Мицкоски.
Премиерот потсети на искуството на Македонија при менувањето на уставното име и блокадата за членство во НАТО и ЕУ како примери на „преседан“ од кој европските лидери тогаш молчеа.
– Кога се менуваше Уставот и знамето, ни се ветуваше членство во ЕУ и НАТО за неколку години, а потоа бевме блокирани. Имаше и Хашка пресуда дека Македонија не треба да биде блокирана, но се случи токму спротивното. Громогласната тишина од оние што денеска коментираат зборува сè. А дали ова е преседан или не е, ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави – додаде Мицкоски.
Според него, светот се наоѓа во нова геополитичка динамика и Македонија, како членка на ОН и НАТО, треба легитимно и проактивно да ги следи своите интереси.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата