logo
logo
logo

ДА СЕ КУПИ СТАН СЕГА, ИЛИ ДА СЕ ПОЧЕКА. Што препорачуваат аналитичарите

Vecer | 04.06.2026

ДА СЕ КУПИ СТАН СЕГА, ИЛИ ДА СЕ ПОЧЕКА. Што препорачуваат аналитичарите

Купувањето стан во Македонија повторно станува трка со времето. Не поради тоа што нема станови, туку затоа што сè повеќе се отвора прашањето дали сегашните каматни стапки се последната поволна станица пред нов циклус на поскапување на кредитите.

Во период кога цените на недвижностите остануваат високи, а инфлацијата повторно испраќа предупредувачки сигнали, вниманието на граѓаните се насочува кон една институција – Народната банка. Последните пораки од гувернерот Трајко Славески дека е можна корекција на основната каматна стапка ако продолжат инфлаторните притисоци, повторно ја отворија дилемата: дали сега е вистинско време за станбен кредит или е подобро да се почека?

Одговорот не е едноставен, но анализата на порталот Пари на актуелните понуди покажува дека банките во моментов водат агресивна битка за клиенти и нудат услови што тешко може да останат непроменети ако Централната банка навистина започне ново монетарно затегнување.

Најниската фиксна камата во моментов ја нуди ТТК банка со 2,9 насто за првите пет години, додека Комерцијална банка, Халкбанк и Алта банка нудат фиксни 3 насто во истиот период. НЛБ банка се движи од 3,05 до 3,45 насто, во зависност од производот, додека Стопанска банка нуди стапки од 3,2 насто за клиенти што користат и животно осигурување. Шпаркасе банка почнува со 3,3 насто, а Прокредит банка со 3,65 насто. Уни банка, пак, се издвојува со поинаква стратегија – фиксна каматна стапка од 3,9 насто за дури 12 години.

Во услови кога просечниот купувач најмногу стравува од идни промени на ратите, токму должината на фиксниот период станува клучен елемент во изборот на кредит. Ако пред неколку години главен аргумент беше најниската почетна камата, денес многумина се подготвени да платат повеќе за подолг период на сигурност.

Банките нудат кредити со рок на отплата до 30 години, а максималните износи достигнуваат и до 500.000 евра кај Прокредит банка. Најчесто, потребното сопствено учество се движи меѓу 10 и 15 насто, додека дел од банките нудат и грејс-период до една година.

Особено интересна е пролетната офанзива на банкарскиот сектор. Комерцијална банка до крајот на јуни ги укинува трошоците за обработка и процена на имот. Шпаркасе банка нуди бесплатен пакет услуги и модел „Рати по твој избор“, со кој клиентите можат да плаќаат пониски рати во првите години. НЛБ банка привлекува со бескаматен кредит за опремување на домот во соработка со Нептун, додека повеќе банки нудат дополнителни бенефиции преку животно осигурување.

Од друга страна, оние што очекуваат пад на цените на становите засега немаат многу аргументи на своја страна. И покрај забавувањето на економијата во одредени сектори, понудата на нови станови останува ограничена во најатрактивните урбани зони, а побарувачката и натаму е поддржана од дознаки од странство, штедење и инвестиции во недвижности како заштита од инфлација.

Практично, ако Народната банка ја зголеми референтната каматна стапка, а ЕУРИБОР остане покачен или повторно почне да расте, новите станбени кредити речиси сигурно би биле поскапи од денешните. Дополнително, кај постојните кредити со варијабилна компонента би можело постепено да дојде до раст на месечните рати.

Тоа е причината поради која дел од финансиските аналитичари сметаат дека тековниот период претставува можеби последен прозорец за обезбедување релативно ниска фиксна каматна стапка на подолг рок, особено за купувачите што веќе имаат обезбедено учество, стабилни приходи и конкретен имот што сакаат да го купат.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk