- Година дена алармираме за проблемот со транспортерите и електронската евиденција во ЕУ и требаше да се донесе до ескалација да предизвика внимание. Се работи за огромен економски проблем кој што може целосно да ја колабира македонската и регионалната економија. Иако имав жестоки размени на аргументи со надлежните во рамки на ЕУ директно во Брисел, за жал не најдов на разбирање, вели во интервју за Радио Лидер, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во однос на новите правила за влез во земјите од шенген зоната за професионалните возачи.
Тој истакна дека проблемот е многу сериозен од причина што ова ќе влијае врз работата на транспортниот сектор во целиот регион, дополнително на извозно ориентираните компании. Засега решение нема, а Владата целосно ги разбира транспортерите и најавените блокади на граничните премини кон шенген земјите.
– Од понеделник ќе има протест кој предвидено е да трае седум дена на граничните премини кои одат кон шенген зоната, на превозниците на Македонија, Косово, Србија, Црна Гора и БиХ. Се работи за огромен економски проблем кој што може целосно да ја колабира македонската и регионалната економија, бидејќи нашите економии се мали и главно се ориентирани кон извоз. Целокупното производство на компаниите кои произведуваат во ТИРЗ кои што работат најголем дел од луѓето во Македонија и кои што носат најголем девизен прилив – сто процентен извоз, голем дел од домашните компании кои се извозно ориентирани и ако не можат да извезат тогаш запира и економската активност, а од друга страна ако превозот поскапе за 3 до 5 % тогаш стануваат неконкурентни на европскиот пазар, рече вицепремиерот Николоски.
Иако во континуитет има разговори со претставници до ЕУ, засега тие остануваат на ставот за употреба на новите правила за влез и за транспортерите.
– Јас во декември имав жестоки размена на аргументи со надлежните во рамки на ЕУ, директно во Брисел, за жал не најдов на разбирање и овие радикални мерки се единствен начин да се привлече внимание. Јас и владата имаме целосно разбирање за македонските транспортери, го разбираме нивниот револт, ги подржуваме нивните барања и навистина треба да се реши овој проблем преку одложување на електронскиот систем за професионалните возачи или да се изнајде начин како да добиваат работни визи треба да го реши ЕУ. Мислам дека не им е јасно на ЕУ што значи ова за земјите од Западен Балкан, се работи за класична бирократија, за целосна игнорантност и непосветување на внимание на проблемот, истакна Николоски.
Тој како пример истакна дека веројатноста е голема за зголемување на цената на превозот за 5 % со што домашните производи ќе станат неконкуретни на европскиот пазар.
– Сите стопански комори од регионот веќе цела година реагираат. Не е едноставно решението. На пример компанија од Македoнија која што извезува во Германија ако ангажира германска компанија, тогаш превозот е од 3 до 5 % поскап. Доколку превозот е до 5 % поскап, тогаш прозиводите во Македонија и регионот ќе станат неконкуретни и тогаш можно е да се компаниите да си заминат од Македонија. Една компанија со која разговарав, а нема да ја именувам, најавува загуби од 1,5 милиони евра неделно. Сега со овие услови, транспортниот бизнис ќе остане целосно неисплатлив од причина што ќе се намали времето за 50% што возачите ќе можат да го минуваат во рамки на ЕУ, додаде вицепремиерот Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата