Средствата што Европската Унија ќе ѝ ги додели на земјава по признанието од Европската комисија за исполнетите реформи главно ќе се слеат во државниот Буџет, а Министерството за финансии ќе одлучи колкав дел ќе добие Министерството за образование и наука. Министерката Весна Јаневска изрази уверување дека ќе наиде на разбирање бидејќи претстојат нови реформски чекори со кои ќе се обезбедат дополнителни европски пари.
Процесот на спречување на одливот на студенти во странство, каде што со години заминуваат најдобрите кадри, ќе се решава преку модернизација на студиските програми, воведување модуларно учење и интердисциплинарни студии прилагодени на пазарот на трудот. Новиот закон предвидува и приоритет при вработување на самите универзитети за најдобрите дипломирани студенти.
Во однос на студентскиот стандард, два студентски дома се веќе целосно реновирани и од октомври ќе примаат студенти според европски стандарди. Од истиот месец започнува и реконструкцијата на преостанатите седум домови, проект кој треба целосно да заврши во рок од година и пол до две години, со што конечно ќе се обезбедат пристојни услови за живот на студентите.
Министерката ги демантираше дезинформациите во јавноста за намалување на студентските стипендии. Анализите покажале дека во изминатите пет години околу 400 социјални стипендии годишно останувале неискористени бидејќи немало доволно кандидати кои ги исполнувале строгите услови во таа категорија, па државата сега ги пренасочува овие средства за поефикасно и поцелосно да се искористат.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата