logo
logo
logo

НАЈДЕНИ СЕ 350.000 ЕВРА ВО ПРОСТОР СОЅИДАН СО ЅИД КАЈ РОДИТЕЛИТЕ НА СУДИЈА НА АПЕЛАЦИЈА, осомничен за висока корупција (ДЕТАЛИ)

Vecer | 18.01.2026

НАЈДЕНИ СЕ 350.000 ЕВРА ВО ПРОСТОР СОЅИДАН СО ЅИД КАЈ РОДИТЕЛИТЕ НА СУДИЈА НА АПЕЛАЦИЈА, осомничен за висока корупција (ДЕТАЛИ)

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека постапката за случајот поврзан со Ѓоко Ристов, судија во Апелациониот суд во Скопје, е проширена, по интензивни истражни дејствија што се преземаат од средината на декември.

Како што информира Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапката е иницирана откако на 14 декември бил осомничен адвокат за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.

Во текот на истрагата, обвинителството обезбедило докази кои довеле до проширување на истрагата и кон судија од Апелацискиот суд во Скопје, осомничен за „противправно стекнување и прикривање имот“, за кој постојат сомненија дека е прибавен, меѓу другото, со дејствија на корупција и трговија со влијание.

Врз основа на наредба обезбедена од надлежен суд, денеска бил извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на осомничениот судија. При претресот, во простор соѕидан во ѕид, биле пронајдени 350.000 евра, за кои постои сомнение дека се незаконски стекнати и прикриени.

Од обвинителството информираат дека претресите и другите истражни дејствија продолжуваат и дека јавноста ќе биде навремено известена за понатамошниот тек на постапката.

Според официјалното соопштение, станува збор за една од најопсежните истраги за сомневања за висока корупција во државата досега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенција за национална безбедност.

Истражните дејствија, координирани од јавен обвинител, ги спроведуваат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерство за внатрешни работи и Управа за финансиска полиција, а обвинителството ја истакнува нивната посветеност и професионален интегритет како клучни за обезбедување докази за, како што се наведува, еден од најсериозните и најсложените облици на криминал. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk