Заврши санацијата на мостот на Маркова Река на патот кон Драчево и од утре тој ќе биде во целосна функција, информираат од Јавното претпријатие за државни патишта. Неколкумесечната санација го отежнуваше сообраќајот на патот кој води и кон повеќе села во јужниот дел на Скопската Котлина.
„Ги известуваме граѓаните од Кисела Вода, поточно граѓаните коишто гравитираат кон населените места Драчево, Зелениково, Батинци… дека заврши санацијата на мостот на Маркова Река пред предвиднеиот рок и дека од утре, 5 септември, мостот ќе биде во целосна функција, се вели во соопштението од ЈПДП.
„Градежните работи, пак, опфатија санацијата на горниот строј на мостот, при што се изврши отстранување на постојните дилатациони фуги, сливници, асфалтот и тротоарите. Се постави нова бетонска плоча, хидроизолација на мостовската конструкција, се изврши асфалтирање, како и изградба на нови тротоари со рабници и санација на парапетна греда. Градежните работи ги изведуваше Друштвото за градежништво и проектирање „Синтек Инженеринг“ ДООЕЛ, с. Бразда, додека надзорот го вршеше Друштвото за управување со проекти „ЕОС Е.Е.“ ДОО Скопје. Средствата за санацијата беа обезбедени од буџетот на ЈПДП, а издвоената вредност изнесуваше 4.619.800,00 денари без ДДВ“, велат од ЈПДП.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата