Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска изрази чудење за коинциденцијата во реториката на бугарските власти и македонската опозиција во однос на карактерот на спорот меѓу двете земји.
Одговарајќи на новинарско прашање за ставот на опозицијата дека прашањето со Бугарија е исклучиво европски, а не билатерален проблем, Муцунски порача дека Владата останува фокусирана на заштита на достоинството на државата и националните интереси.
„Првото нешто на што не можам да се изначудам е колку се совпаѓаат ставовите на Софија и на главната опозициска партија, но граѓаните нека судат на крајот на денот. Мојата улога како министер за надворешни работи и улогата на Владата е секогаш да стоиме на линијата на заштита на она што е наш национален интерес и приоритет на државата, што значи да не молчиме кога има обиди за понижување на државата, туку да си стоиме цврсто на тие позиции што нам ни се значајни, но исто така и да преземаме чекори да правиме сѐ она што е потребно да ја движиме напред државата кон европскиот пат“, рече Муцунски.
Шефот на дипломатијата нагласи дека дијалогот со Софија е неопходен, не само поради надминување на блокадата на евроинтеграцискиот пат, туку и поради фактот што двете земји се соседи кои треба да соработуваат на бројни заеднички проекти од билатерално значење.
Според Муцунски, Владата ќе продолжи да дејствува одлучно во меѓународните односи, балансирајќи меѓу принципиелната заштита на идентитетските позиции и посветеноста на полноправното членство во Европската Унија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата