Министерството за внатрешни работи веќе презема конкретни чекори во истрагата за врсничкото насилство што ја згрози јавноста во скопската населба Ѓорче Петров. Министерот Панче Тошковски потврди дека во рамки на постапката на разговор биле повикани 14 лица, меѓу кои и родители на вклучените ученички.
Случајот е под надзор на Јавното обвинителство, а за дел од инволвираните се подготвуваат соодветни законски мерки. Министерот потенцираше дека иако полицијата постапува репресивно, клучот за решавање на овој горлив проблем лежи во мултиинституционалниот пристап и, пред сè, во одговорноста на родителите.
„Мораме сериозно и континуирано да бидеме фокусирани на овој тип криминалитет. Не само од аспект на Министерството за внатрешни работи, кое делува и превентивно и репресивно, туку преку вклучување на сите надлежни институции. Потребен е мултиинституционален и системски пристап. Апсолутно значајна е и улогата на родителите, нивната улога во воспитувањето, нивното однесување и нивната вклученост во образовниот процес на децата. Затоа упатувам апел до сите родители и општествени чинители да се фокусираме заедно на овој проблем. Тој постои, присутен е, дел од случаите излегуваат во јавноста, дел не, но тоа не значи дека не постојат“, рече Тошковски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата