logo
logo
logo

Максимална внимателност во природа и веднаш пријавувајте на 112

Vecer | 18.08.2026

Максимална внимателност во природа и веднаш пријавувајте на 112

Речиси целата територија на Македонија е во зона со висок метеоролошки индекс на опасност од пожари, поради што постои зголемен ризик од појава и брзо ширење на пожари на отворен простор и шумски пожари со висок интензитет, предупредува Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според метеоролошкиот индекс на пожар, најголемиот дел од земјата е означен со портокалова боја, односно зона со висок ризик.

Исклучок се Шар Планина и околината на Охрид и Ресен, каде е регистриран среден метеоролошки индекс на пожар, означен со жолта боја.

Директорот на ЦУК, Мухамед Али, апелира до граѓаните да бидат особено внимателни и одговорни, особено при престој и движење во природа.

– Поради ваквите временски услови, постои висок ризик од појава и ширење на пожари на отворен простор и шумски пожари со висок интензитет на целата територија на Република Северна Македонија. Апелираме до граѓаните на максимална внимателност и одговорно однесување и да не се користи оган на отворен простор – порача Али.

Од ЦУК потсетуваат дека секое забележано пожарно огниште треба веднаш да се пријави на бројот 112, со цел надлежните служби навреме да реагираат и да се спречи понатамошно ширење на огнот.

Особено внимание се препорачува при движење низ шумски и тревни предели, каде сувата вегетација и временските услови можат значително да го забрзаат ширењето на пожарите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk