Судот во Струга донесе одлука со која градоначалникот Рамиз Мерко е прогласен за виновен во случајот за незаконско назначување на вршители на должност директори во основните училишта во селата Лабуништа, Радолишта и Подгорци. Судијата Јордан Јованов, кој го водеше предметот, му изрече парична казна во висина од сто дневни глоби, што изнесува околу десет илјади евра пресметано во денари.
Во образложението на пресудата, судијата Јованов рече дека се земени предвид повеќе олеснителни околности, меѓу кои и фактот дека обвинетиот нема кривично досие. Тој посочи дека, за разлика од претходната ослободителна пресуда поврзана со набавка на луксузно возило, во овој случај Мерко постапил спротивно на Законот за основно образование.
Обвинителството најави дека ќе ја обжалат пресудата. Во Основниот суд во Струга се водат уште два други случаи против Рамиз Мерко за незаконски назначувања.
Минатата недела, истиот судија Јованов донесе ослободителна пресуда за Мерко во предметот за набавка на возилото „Ауди А6“ и други автомобили за потребите на Општината, во вредност од 114 илјади евра.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата