Претседателот на Парламентарното Собрание на Совет на Европа доаѓа во Македонија на првиот ден по локалните избори. Во понеделник на 3-ти ноември, во Скопје ќе пристигне Теодорос Русопулос - 35-тиот претседател на ПССЕ.
Засега официјално најавена е само тет- а- тет средба со првиот човек на Собранието Африм Гаши и обраќање пред пратениците.
Нема информација дали Русопулос ќе има средба со премиерот Мицкоски, а од владата не потврдуваат, но и не исклучуваат можни разговори. Од кабинетот на шефицата на државата, пак, за ТВ24 велат дека до моментот не е планирана средба
Доаѓањето на Русопулос се совпаѓа со период кога македонската влада интензивно бара од Софија спроведување на пресудите од Европскиот суд за човекови права, но и одлуката на Стразбур да се укине мониторингот врз Бугарија.
На почетокот на октомври Парламентарното собрание на Советот на Европа на пленарна седница го затвори пост-мониторинг дијалогот со Бугарија, поради како што соопштија – напредокот на земјата.
Резолуцијата која се усвои во Стразбур беше врз основа на извештај на Дебора Бергамини од ЕПП и Ив Крухтен од групата Социјалисти, демократи и зелени, а единствените кои тогаш гласаа против беа тројца пратеници од Македонија и екс бугарската министерка за правда Надежда Јорданова.
Иако од Стразбур, по гласањето изразија загриженост за извршувањето на пресудите од Европскиот суд за човекови права за регистрација на македонските здруженија, бугарскиот министер за правосудство Георги Георгиев, на почетокот на месецот, изјави дека постои можност до крајот на годината Комитетот на министри на Совет на Европа, да одреди датум и за затворање на мониторингот врз случаите за ОМО Илинден.
Премиерот Мицкоски континуирано бара од официјална Софија да ги спроведе пресудите од Стразбур и порача дека дека нема да мрдне ниту милиметар за усвојување на уставните измени, се додека не види Македонец во бугарскиот Комитет за малцинства.
Во изминатиот период средби со Теодорос Русопулос имаа и македонската и бугарската влада.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата