Во 2024 година, според достапни податоци и проценки, иселениците пратиле во татковината 2.2 милијарди евра, што е за околу 100 милиони евра помалку отколку во 2023 година, а нов пад на дознаки следи и во 2025-та година.
Тоа се проценки и податоци на вкупен прилив по сите основи, вклучително и пари донесени во кеш, плаќање за лични имоти во Македонија од странски сметки и слично.
Карактеристично е дека овие пари пристигнуваат во Македонија во најголем дел во готовина. Потоа преку менувачниците се евидентираат во домашните финансиски текови. Тоа го знаат и во Народната банка и затоа го евидентираат како тековни трансфери кон домаќинствата преку менувачкото работење. Во 2024 година, од вкупно 2.270 милиони евра, дури 1.688 милиони евра се евидентирани преку менувачниците, односно како нето-откуп на девизи од страна на менувачниците во земјава.

Кога се во прашање уплати од Македонци кон свои роднини и блиски во Македонија преку сметки што се евидентира во македонските банки, работата изгледа сосема поинаку.
Моделот кој го користи европската статистичка институција Евростат ги покажува овие резултати:
Македонците во странство во 2024-та година испратиле во земјава 310 милиони евра или 2% од БДП. Иако бележиме суфицит, личните дотации од странство кон Македонија во апсолутни бројки бележат пад во последните години од 319 милиони евра во 2023 и 331 милион евра во 2022 година.
Од земјите во регионот во апсолутни бројки најмногу дотации лани има дијаспората на Србија (околу 7 милиони жители) , која испратила 4.47 милијарди евра, потоа следи на Босна и Херцеговина со 1.99 милијарди евра (околу 3,5 милиони жители) , Косово (околу 1,8 милиони жители) со 1.32 милијарди евра , евра, Албанија (околу 2,5 милиони жители) со 1.28 милијарди евра и Црна Гора (околу 600.000 жители) со 345 милиони евра.
Евростат објави табела во која покажува колку дознаките од странство учествуваат во БДП (Бруто домашниот пороизвод) на своите држави. Во Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Албанија дознаките се најголеми во однос на БДП на државите.

Падот на личните трансфери од дијаспората кон Македонија не е случаен ниту привремен, туку е поврзан со длабоки демографски и структурни промени. Проценките покажуваат дека околу 700.000 македонски државјани живеат надвор од земјава, што претставува речиси 35% од вкупното население.
Што придонесува за намалените трансфери од дијаспората?

Клучната разлика во однос на минатото е што сè помал дел од оваа миграција е привремена. Денес доминира трајното иселување на цели семејства, со што исчезнува и потребата од редовно испраќање пари кон блиските кои порано остануваа во земјава.
Дополнителен фактор е стареењето на дијаспората. Дел од паричните приливи кои статистички сè уште се водат како лични трансфери всушност се пензии или повремени дознаки, што по правило се пониски и нестабилни.
Тоа ја менува и нивната улога во економијата – од главен извор за семејна егзистенција, тие стануваат спореден финансиски прилив.
Влијание има и состојбата во земјите-домаќини. Зголемените трошоци за живот во ЕУ, Австралија и САД каде најмногу макеоднски иселеници и живета, инфлацијата и притисокот од кризата врз семејните буџети во Западна Европа го ограничуваат просторот за испраќање пари „дома“.

Поголемиот дел од овие средства се користат за покривање на основните потреби, но значителен дел се вложува во локалната економија. Тие пари често се користат за реновирање домови, купување автомобили, или за отворање мали бизнис.
Гледано според број на жители, како и споредено според Бруто домашниот произвоид (БДП) Македонците најмалку праќаат пари во својата држава. Ова е можна последица на фактот дека имаат полошо платени работни места и помали приходи во однос на другите но, и можни разлики во моделот на иселување: дали се иселуваат семејства или поединци а семејствата им остануваат тука како приматели ан дознаките од странство.
Разлики во вредност на испратени лични пари од странство, дознаки, во однос на другите во регионот можат да се јават и како последица на домашните даночни политики. Дали, и колку, од испратените пари на роднините и блиските треба да се плати данок од државата - каде живее примателот на априте.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата