Затворски банди нарачале да ми се запали куќата, како одмазда за борбата против криминалот што ја почнав, вели директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов.
Тој вечерва изрази сомнеж дека затвореници или банди во затворите кои се под негово управување, со скапо платен мобилен телефон што го добиле зад решетки, го нарачале палењето на неговата викендичка во Орешани.
Изминатиот период до него доаѓале гласини за кои немал материјални докази, дека нешто лошо ќе му се случи, односно дека затвореници му подготвуваат нешто лошо.
- Ова не е напад врз Александар Пандов, ова е напад врз институцијата која ја преставувам, напад врз институција на Република Македонија, посочи тој.
Пандов вели дека одредени затвореници им нуделе и по 20 илјади евра на затворските стражари за да стигнат до телефон, а на тоа искушение некој потпаѓал, а некој не.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак сметаат дека палењето на куќата на Пандов е обид за заплашување и замолчување, бидејќи криминалците повеќе немаат заштита од власта.
Овој чин е обид за заплашување и замолчување на Пандов бидејќи изминатиот период јавно говореше за сите криминални дејствија што се случувале, а за кои тогашната власт и раководство се обиделе да ги затскријат.
Пандов е мета на напад бидејќи застана во отворена борба против криминалот и корупцијата.
Криминалците повеќе немаат заштита од страна на власта. За ваквото девијантно однесување мора да има казна.
Александар Пандов го презема раководењето на Управата за извршување санкции во јули минатата година.
Во повеќе наврати најави борба со криминалните банди, во како што кажа, затворскиот систем кој е најкорумпиран во Македонија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата