logo
logo
logo

Да не беше тој, бројот на жртвите ќе беше 50% поголем

Кој е ЈОВАН СПАСИТЕЛОТ, ОД ВИНИЦА

Vecer | 22.03.2025

 Кој е ЈОВАН СПАСИТЕЛОТ, ОД ВИНИЦА

Деветнаесетгодишното момче-херој, Јован Костадинов од Виница, кој успеа да спаси дваесетина животи за време на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, е во добра состојба. Тој е згрижен во скопскиот Клинички центар и очекува за неколку дена да биде отпуштен, пишуваат медиумите.

Јован вели она што го видел не може да се опише со зборови, па ќе му треба време додека да може да зборува за целата трагедија.

„Ги гледаш другарите и другарките како умираат во раце, а не можеш ништо да направиш, ги вадиш само од чадот…“, вели Костадинов, кој стана познат како „тивкиот херој“ од трагедијата во Кочани, која однесе 59 млади животи.

Претседателката на Македонската асоцијација на новинари (МАН) Ивона Талевска, во гостувањето на националаната српска телевизија Хепи, сподели и детали за Јован.

„Јован е гимназијалец во 4 година, има сестра близначка, по име Јована. Учи во еден од најдобрите класови со надобриот класен раководител.“

За Јован и сестрата близначка Јована, искушенијата биле преголеми, и за нив, и за татко им, и за целото семејство. сподели Талевска за српскиот медим и за јавноста, непознати факти за „тивкиот херој“ и неговото семејство.

„Нивната мајка, за жал, пред година/две загинала во сообраќајка, а работела како инструктор во Автошкола.

Татко им, Дарко Костадинов, според моите информации потврдени од повеќе извори, работи во Центарот за социјални работи во Виница и тој, службено и приватно секогаш работел и им помагал на социјално загрозените семејства. Сите со кои разговарав, за него велат дека е - многу голем човек.

Јован е спортист, тренира бокс, сака и зимски спортови, да, сака и офроуд велосипеди и мотори, за што има освоено и награди на натпреварувања.

Основните животни лекции и воспитувањето кое му ги всадиле мајката и таткото, негово образование и спорт, го навеле брзо и остроумно реагира и да спаси 21 луѓе во катастрофалниот пожар во Кочани.

За неговите родители, за неговата почината мајка, за неговиот татко, сите во источна Македонија имаат само пофални зборови, дека станува збор за исклучително, исклучително добра фамилија, која освен за децата, се грижеле и за целата заедница.

Само исклучителни и добри луѓе имаат хероји за наследници, а како што се потврди, Јован е спасителот на 21 живот во Македонија.

Да не беше тој, бројот на жртвите ќе беше 50% поголем во тој момент.

Македонија му благодари на тивкиот херој, Јован Спасител од Виница.“ - изјави Талевска за српската национална телевизија.

Сведоци на драматичните моменти од пожарот и хаосот кој настанал, раскажаа дека Јован брзо размислувал и во блиска гаража нашол црево со кое ја натопил маицата со вода, ја ставил на лицето да се заштити од огнот и тргнал во херојскиот подвиг.

Деновиве на социјалните мрежи се актуелни бројни повици до државата да му оддаде почит и да го одликува младиот Јован Костадинов за неговата исклучителна храброст.

„Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со искрена човечка грижа ги посети седумте пациенти хоспитализирани на Клиниката за токсикологија по трагичниот настан. Ја запознав со нивната подобрена здравствена состојба, а таа им посака брзо оздравување“, информира директорот на Клиниката, Андон Чибишев.

„Претседателката, посебно му се заблагодари на младиот херој Јован – момчето кое со својата храброст спаси 21 живот од огнената стихија. Оваа посета за нас е не само пример за грижа за младите, туку е признание за посветеноста на вработените“, пишува Чибишев на Фејсбук.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk