Копретседателот на Вреди Изет Меџити соопшти дека досегашниот вицепремиер задолжен за добро владеење Арбен Фетаи ќе биде именуван за специјален претставник на Владата во Брисел.
Според Меџити, Фетаи поднел оставка од функцијата вицепремиер за да може да го преземе новиот ангажман, кој ќе биде насочен кон претставување на владините позиции во европските институции.
Во изминатиот период Фетаи речиси два месеци не присуствуваше на владините седници и немаше јавни активности поврзани со ресорот што го водеше, што предизвика бројни реакции во јавноста.
Меџити истакна дека коалициските партнери во Владата начелно се согласиле дека е потребна реконструкција на владиниот состав, но додаде дека сè уште не се отворени конкретни разговори за распределбата на ресорите и идните кадровски решенија.
Најавата за новата функција на Фетаи доаѓа во период кога се очекуваат промени во извршната власт и дополнителни разговори меѓу коалициските партнери околу идната организација на Владата. Новата улога на Фетаи во Брисел треба да биде поврзана со комуникацијата и координацијата со европските институции во процесот на евроинтеграциите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата