Мостот „Генерал Михајло Апостолски“ конечно се става во функција - напиша попладнево скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на „Фејсбук“ нагласувајќи дека со години бил симбол на застојот.
- Кај скопјани остана запаметен како „мостот што водеше во дневна соба“ или „мостот за ловење риба“. Конечно, станува мост што ќе ги поврзува луѓето, ќе го забрзува сообраќајот и ќе го менува секојдневието на граѓаните. Ова е резултат на силна волја, чесен збор и секојдневна, макотрпна работа - додаде градоначалникот.

Тој посочи дека кога ја презел одговорноста да го води Скопје, ветил оти овој проблем ќе биде решен во текот на четиригодишниот мандат. Ѓорѓиевски истакна дека со гордост може да каже дека ова ветување се исполнува за помалку од една година.
Во изминатиот период, посочи тој, решен бил најголемиот предизвик - експропријацијата.

- По истекот на рокот за преселување на семејствата што живееја на трасата, денес почнуваме со расчистување на булеварот АСНОМ, токму од мостот „Генерал Михајло Апостолски“, со што почнува неговото конечно ставање во функција. Паралелно продолжува и процесот на експропријација на преостанатиот дел од булеварот, сѐ до неговото целосно завршување. Од срце сакам да им изразам благодарност на луѓето со кои денес заеднички испишуваме едно ново поглавје. Благодарам на чесните, достоинствени и домаќински семејства, кои покажаа разбирање и мудрост, кои подадоа рака таму каде што со години имаше застој. Благодарам за довербата, за човечкиот однос. Денес, тие не се дел од проблемот, туку од решението - додаде Ѓорѓиевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата