logo
logo
logo

ЗА ВЛАДИНИОТ ЛИРЏЕТ НЕМА ВЕЌЕ РЕЗЕРВНИ ДЕЛОВИ, нов би чинел од 20 до 50 милиони евра

Vecer | 08.05.2025

ЗА ВЛАДИНИОТ ЛИРЏЕТ НЕМА ВЕЌЕ РЕЗЕРВНИ ДЕЛОВИ, нов би чинел од 20 до 50 милиони евра

-Лирџетот со кој сега располагаме не ги исполнува потребите на државата и има многу трошоци за негово сервисирање, бидејќи веќе не се произведуваат резервни делови. Затоа користиме репарирани делови и од 2017 година до денеска по основ на сервиси се потрошени околу четири милиони евра што не би бил случај за нов авион. Кога би оделе на некои подолги патувања би ни требал поголем авион со најмалку 14 седишта за разлика од овој што има шест. Со еден збор Лирџетот е премал, рече Томовски во интервју за ТВ Канал 5.

Нагласи дека поранешната влада сакала да набави нов авион и биле во напредна фаза на преговарање со различни компании кои произведуваат авиони, но тоа го криеле од јавноста.

-Ние се одлучивме да искомуницираме со јавноста и сметам дека јавноста треба да биде запознаена што планираме. На крајот на краиштата авионот не останува за директорот или за премиерот, туку останува за државата. Ќе гледаме да предвидиме средства за набавка на авион со новиот буџет бидејќи овој не го дозволува тоа. Би сакале да допреговараме со јавноста, да собереме и понуди за лизинг на авион, да купиме нов или половен. Сите опции ќе ги извадиме на маса за да видиме што е најдобро и најекономично, посочи Томовски и додаде дека набавката на нов владин авион би чинела од 20 до 50 милиони евра.

Во државна сопственост, како што кажа, има околу 7.000 возила во кои влегуваат возилата на владата и министерствата, општинските возила, возилата на јавните претпријатија,…

-Веќе избравме боја – црвено со жолто на табличките за означување на државните возила, изработивме правилник, но процесот е закочен бидејќи е потребен тендер за набавка на боја за нивна изработка. Тендерот е во завршна фаза, а откако ќе се надмине проблемот и ќе почне изработката во рок од 30 дена сите државни институции ќе треба да ги заменат таблиците, рече Томовски.

Тоа, како што кажа, ќе биде за многу скоро време.

Таравари треба да се договори со ВРЕДИ што ќе прави

Томовски, кој е и член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, порача дека до крајот на мај министерот за здравство Арбен Таравари треба да одлучи дали ќе остане во Владата или ќе излезе.

-Треба да се договори со ВРЕДИ што ќе прави. Ако одлучи да излезе од Влада ќе има внатрешни превирања во партијата на Таравари. Доколку ја напушти Владата ќе му падне рејтингот, а ќе порасне на другите тројца лидери на ВРЕДИ, рече Томовски и нагласи дека во никој случај нема да му дадат поддршка на локалните избори ако излезе од Владата.

Прашан дали ќе има предвремени парламентарни избори заедно со локалните, рече дека времето ќе го покаже тоа.

-Дали ќе има предвремени парламентарни избори или не ќе оставиме на времето да покаже. Локалните избори ќе бидат показател дали треба да има предвремени избори или не, но сепак ќе оставиме да видиме што ќе се случува со коалицијата, истакна Томовски

ВМРО-ДПМНЕ најавува зголемување на победата во бројот на општини на локалните избори

Тој говореше и за претстојните локални избори и ги прецизираше критериумите и филтрите кои кандидатите за градоначалници треба да ги исполнат. Томовски додаде дека бројот на општини каде ВМРО-ДПМНЕ ја има локалната власт, не само што ќе се повтори , туку истиот ќе биде и зголемен.

Томовски објасни дека во претстојниот период, не само што ќе биде повторен истиот број на општини каде што актуелни се градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, туку ќе биде и зголемен, особено сега, кога се случува градежна експанзија низ целата држава. Тој додаде и дека кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, најпрво треба да исполнат три параметри.

,,Кандидатите кај нас треба да поминат филтер, односно треба да исполнат три параметри. Првиот параметар е да поминат на анкети на анкети на јавно мислење. Се отпочнуваат постапките, ќе почнат да се прават и анкетите. Прво да видиме народот што мисли за тие кандидати бидејќи имаме потенцијални, истите кандидати, и плус имаме нови потенцијални кандидати“, истакна Томовски.

Томовски посочи дека еден од параметрите е градоначалниците да бидат поддржани од самата структура внатре во партијата.

,,Вториот параметар е да ги поддржи структурата односно партиските општинските комитети месните комитети. Онаа наша база која што традиционално ја прашуваме и го креираме мислењето за потенцијални кандидати. И резултатите, оние релевантни резултати, кои што ги постигнале до сега“, прецизираше Томовски.

Повик до Филипче

Томовски го повика Филипче да ги покаже анкетите кои тој изјави дека ги има на јавноста, со цел да се обзнани од каде се истите.

,,Не покажал никакви анкети, го отповикувам јавно да ги обзнани кои се тие анкети и да ги видиме, да видиме дали се од некоја меродавна институција која што може да ги даде тие анкети. Но, јас ве убедувам дека не е тоа така, бидејќи доколку беше тоа така уште вчера ќе имавме протести по улиците и барање на предвремени парламентарни избори“, вели Томовски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk