Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиуми рече дека до крајот на јуни ќе се формализира реконструкцијата на Влада, а до 1 јули очекува списокот да се најде пред пратениците. Тој оцени дека вчерашната средба со претставници на ВРЕДИ поминала во добра атмосфера, но не изнесе детали во интерес на процесот.
- Денеска ќе видиме со ЗНАМ, во два часот имаме состанок со нив. Ќе разговараме отворено за сите добри страни, но и слабости, се разбира. Така што до крајот на следната недела, како што кажавме и до крајот на јуни да сето ова го формализираме и најдоцна до први јули списокот да се најде во Парламент пред парламентарците, изјави Мицкоски.
Мицкоски најави дека по реконструкцијата ќе продолжат и во другите структури и на локално ниво.
-Ние имаме и на локално ниво прилично голема бројка на директори на јавни претпријатија. Имаме свои мислења за работата на дел од тие луѓе. Имаме места каде што можеме подобро. Имаме места каде што сме исклучително задоволни. Такви се повеќето, но има и таму каде што е потребно да се поправиме и на ниво на општини, но и на локално ниво од аспект на подрачни единици. Така што процесот ќе продолжи во втората фаза во текот на летото и паралелно со тој процес, бидејќи горе-долу е оформена и структурата на партијата, ќе отпочнеме процес таму некаде во втората половина на јули, кој што евентуално би траел до крајот на септември на ажурирање на членството и ново зачленување во ВМРО ДПМНЕ, рече Мицкоски.
Според премиерот, овој процес на реконструкција длабински и суштински ќе промени многу нешта, заклучно со крајот на летото.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата