По една година владеење на сегашната власт, Македонија се наоѓа во ќор-сокак, смета лидерот на СДСМ, Венко Филипче. На партиски собир под мотото „Македонија понижена“ тој остро ја критикува актуелната влада за тоа што, според него, работи исклучиво во сопствен интерес. Филипче посочи дека нема јасен план или волја да се насочи енергијата кон европската интеграција, а земјата тапка во место и на национално ниво.
За жал, ова раководство ја води земјата по непознати патишта. Оваа неизвесност може да биде кобна за иднината на државата и граѓаните. Наместо заеднички да се стремиме кон Европа, владејачката партија предлага индивидуални патишта до ЕУ, што го разединува општеството.
Филипче го истакна отсуството на реформи во судството како една од најголемите слабости на изминатата година, како и финансиското задолжување на земјата за околу седум милијарди евра. Укажа и на блокадата на патот кон Европската унија и ја спореди моменталната состојба со претходните влади, кои, според него, биле идентични по однесувањето кон граѓаните.
Реалноста е дека добивме влада чиј фокус е сопствената корист и блискиот круг, додека граѓаните се оставени сами. Гледаме манипулации, невистини за подобар живот и голема негрижа за народот. Последната година оваа влада ја заборави довербата и потребите на луѓето.
Според лидерот на СДСМ, партијата нудела рака за соработка околу носењето на реформски закони, но досега тоа не дало резултати. Бара министертвото за правда да ги разгледа забелешките што ги поднеле на седум клучни законски реформи.
Партијата не размислува да се повлече од работните групи за реформски закони, бидејќи, како што нагласи Филипче, клучниот интерес е во напредокот на државата, а СДСМ ќе остане активна, конструктивна опозиција.
Филипче ја обвини власта за креирање лажна слика околу европската перспектива и изјави дека прашањата за македонскиот јазик и идентитет се веќе обезбедени во европските документи и не се предмет на преговори.
Во однос на престојните локални избори, најави дека во наредните недели СДСМ ќе ги објави останатите кандидати за градоначалници, а за Скопје уште се разгледуваат неколку имиња.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата