logo
logo
logo

СЕ ОТВОРИ ШЕМАТА ЗА ШВЕРЦ НА МАРИХУАНА КОН СРБИЈА, вклучени најмалку 13 лица

Vecer | 17.08.2026

СЕ ОТВОРИ ШЕМАТА ЗА ШВЕРЦ НА МАРИХУАНА КОН СРБИЈА, вклучени најмалку 13 лица

Истрагата за организиран транспорт на марихуана од Македонија во Србија се проширува на уште седум лица, откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција обезбедило нови докази кои укажуваат на поширок круг лица вклучени во криминалната група.

Седумтемина новоосомничени се товарат дека како припадници на организирана криминална група сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Новата наредба за истрага е резултат на досегашните истражни дејствија и меѓународната соработка со надлежните органи во Србија.

Според Обвинителството, од засега неутврден период во текот на 2025 година до крајот на јануари 2026 година, на територијата на Македонија и Србија дејствувала организирана група во која биле вклучени шест лица против кои се води постапка во Србија, шестмина опфатени со истрагата на ОЈО ГОКК од февруари, седумте новоосомничени и други засега непознати лица.

Секој од членовите имал определена улога, а целта била набавка, чување и транспорт на марихуана за нејзина понатамошна продажба во Србија и во други држави.

Како параван за недозволените активности, според истрагата, било користено правно лице од Скопје кое поседува одобрение за одгледување канабис за медицински цели и дозвола за производство на екстракти од канабис за медицински потреби.

Сопствениците на фирмата, од кои едниот бил и управител, се сомничат дека организирале и други лица од Македонија и Србија за набавка и транспорт на марихуаната. За таа цел биле користени товарни возила и царински декларации според кои наводно се превезувале текстил, прехранбени производи и друга легална стока.

По преминувањето на границата, дрогата била транспортирана до месноста Коњух кај Крушевац, каде што се складирала, препакувала и подготвувала за понатамошна продажба.

Според досега обезбедените докази, истиот начин на шверц бил применет при најмалку пет транспорти со различни патнички и товарни возила.

Кај камионите со претходно царинета и пломбирана стока, според Обвинителството, се отстранувала пломбата и се вадел дел од легалниот товар. На негово место биле ставани кутии со марихуана со тежина приближно еднаква на извадената стока.

Потоа товарните возила се упатувале кон граничниот премин Табановце, а на патот биле следени од некој од осомничените со патнички автомобил. На овој начин марихуаната била прикривана како прехранбени производи, перници и јоргани.

Српското Јавно обвинителство за организиран криминал на 21 јули годинава веќе поднесе обвинение против шест членови на организираната криминална група за меѓународен недозволен транспорт на марихуана.

Според српското обвинение, двајца од сопствениците на скопската фирма давале насоки и инструкции и ги координирале членовите на групата задолжени во Коњух да ја примат и складираат дрогата. Дел од марихуаната потоа била чувана во помошни објекти во домот на еден од обвинетите, каде што била препакувана за понатамошна продажба. Дел од дрогата бил наменет и за продажба на територијата на Белград.

Во македонскиот дел од постапката веќе има и две пресуди врз основа на спогодби со Обвинителството.

На 10 август Основниот кривичен суд Скопје донел две пресуди откако двајца осомничени признале дека го сториле кривичното дело што им се става на товар. На едниот му е изречена затворска казна од три години и шест месеци, а на другиот три години и осум месеци.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk