Се вршат, во тек се, низа мерки за спречување и казнување на учесници во семејно насилство и заштита на жртвите од него, од полициски до казнени мерки а, секако, и превентивните кои се брза и прва помош за жртвите.
Една од наведените превентивни и заштитни мерки е брза дојава за семејно насилство преку телефон, апликација токму за таа намена.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамет Али најави дека наскоро граѓаните ќе можат да ја користат новата апликација „Where Are You“, која ќе овозможи побрза и попрецизна комуникација со службите за итни случаи преку системот 112.
Преку оваа апликација се овозможува корисниците директно да ја испратат својата точна локација од местото на настанот, како и фотографии и видеоснимки, со што надлежните служби ќе добијат попрецизни информации за состојбата на терен.
Покрај тоа, ќе биде овозможена и директна видео-комуникација со Оперативниот центар во итни ситуации, што треба дополнително да ја подобри координацијата и брзината на интервенциите.
Дополнителна новина е функцијата „Silent Call“, која е наменета за жртвите на семејно насилство и за лицата што се наоѓаат во опасност, со што ќе можат тивко и безбедно да побараат помош, без да мора да зборуваат со оператор.
Од Центарот за управување со кризи посочуваат дека со воведувањето на овие функционалности продолжува модернизацијата на системот 112, со цел да се обезбеди поголема сигурност за граѓаните, попрецизно пренесување на информациите и поефикасна реакција на надлежните служби во итни ситуации.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата