Македонската полиција бележи историски резултати, со вкупен криминалитет кој е на најниско ниво во последните две децении, истакна на денешната централна свеченост по повод 7 Мај, Денот на македонската полиција, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Минатата година ја завршивме со намалување на вкупниот криминалитет за повеќе од шест проценти. Сузбиени се 16 организирани криминални групи во кои дејствувале 205 лица. Во делот на борбата против корупцијата беа реализирани повеќе значајни постапки, вклучително и случаи од висок профил, а сузбиени се и четири криминални групи. Особено е значајно што вкупниот криминалитет бележи намалување и е на најниско ниво во последните 20 години. Ефикасноста изнесува 67,2%, што исто така претставува највисоко ниво во истиот период“, истакна министерот Тошковски.
Паралелно со безбедносните успеси, министерот нагласи дека се спроведува интензивна модернизација на полицијата со цел таа да биде вистински сервис на граѓаните.
„Реновирани се управните служби во Скопје, а отворени се и осум нови управни служби низ државата, со што значително се подобрува достапноста на услугите. По повеќе од 15 години набавени се 120 нови современи службени возила, технолошки опремени и поврзани со дигиталните системи на Министерството, што овозможува побрзо и поефикасно постапување на терен“, нагласи Тошковски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата